И Ерменија сака во ЕУ: Изгласан закон за отворање на преговорите

Фото: © Kar881am | Freepik

Ерменскиот парламент во средата го усвои законот во своето прво читање за отворање на преговорите за пристап во Европската унија, што е показател за заладувањето на односите меѓу Ереван и Москва и нејзината желба да се приближи кон Западот.

Во текот на изминатата година и половина, одлуките на Ерменија ѝ пркосат на Русија, историски сојузник кој ја снабдува со оружје и сè уште има воена база на територијата на таа земја на Кавказот.

Ереван му замери на Кремљ што недоволно го поддржува во војната против Азербејџан, особено во конфликтите за регионот Карабах од 2020 до 2023 година, пишува агенцијата Франс прес.

Ерменија сега сака да го започне процесот за пристапување во Европската унија, конкурентот на Русија на Кавказ, а на тој пат е и нацрт-законот, кој беше усвоен во првото читање во средата со 63 гласа „за“ и седум „против“.

„Изразувајќи ја волјата на народот на Република Ерменија и дефинирајќи ја целта на Ерменија како безбедна и развиена земја, Ерменија најавува почеток на процесот на пристапување во ЕУ“, се наведува во текстот на предлогот.

Минатата година, граѓанска иницијатива, со поддршка на проевропските партии и организации, покрена петиција за почеток на пристапување во ЕУ.

Во земја со население од околу 2,7 милиони, собра 60.000 потписи.

Опозицијата го бојкотираше гласањето во парламентот во средата.

Зачлени се на нашиот е-билтен