Израел реагира за нехуман третман кон заложниците држени од Хамас

Израел реагираше на нехуманиот третман на тројцата ослободени заложници од Газа, кои беа дел од договорот за прекин на огнот со Хамас. Според израелските власти, тие изгледале измачени и изнемоштени, а биле принудени да зборуваат пред толпата за време на церемонијата на ослободување.

Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел „нема да ги прифати шокантните сцени“ кои се случија денеска. Иако не беа објавени конкретни мерки, хаотичните услови при претходните ослободувања на заложници доведоа до одложување на размената на Палестинци од израелските затвори.

Израелскиот претседател Исак Херцог оцени дека ослободувањето на заложниците било „циничен и суров спектакл“, а дека тие поминале „491 ден пекол, гладувајќи, изнемоштени и мачени“.

Од друга страна, лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, повика на продолжување на прекинот на огнот за да се обезбеди враќање на останатите заложници.

Хамас денеска ослободи тројца израелски заложници – Еи Шараби (52), Охад Бен Ами (56) и Ор Леви (34), кои беа киднапирани на 7 октомври 2023 година за време на нападот врз Израел, во кој загинаа околу 1.200 луѓе и што доведе до воена интервенција во Газа.

Според снимките од Газа, тројцата заложници беа однесени на бината пред стотици луѓе, каде маскиран борец на Хамас им држеше микрофон и ги принуди да зборуваат со насобраните. Во претходните размена, заложниците не беа принудувани да зборуваат.

Израел потврди дека ослободените заложници се предадени на претставници на Црвениот крст и дека по лекарски преглед ќе бидат вратени кај своите семејства.

Од почетокот на примирјето на 19 јануари, ова е петта размена на заложници. Досега се ослободени 18 Израелци и над 550 Палестинци од израелските затвори.

Прекинот на огнот стави крај на 15-месечниот конфликт во Појасот Газа, каде, според палестинските извори, загинаа над 47.000 луѓе.

Зачлени се на нашиот е-билтен