Нов бран поскапувања во ЕУ – храната и основните производи први на удар

Нов бран поскапувања се очекува во Европа при што најсилен удар ќе почувствуваат храната и основните производи. Причината е повторното затворање на Ормуски теснец и растот на цените на енергенсите, што директно се прелева во малопродажните цени.

Според податоците на UFC Que Choisir, во наредните недели се очекува раст на цените од 4 до 5 проценти. Експертите предупредуваат дека војната во Иран веќе има директно влијание врз потрошувачите, бидејќи договорите меѓу производителите и трговците содржат клаузули што дозволуваат корекција на цените при поскапување на енергијата и суровините.

Први на удар ќе бидат производите со краток рок на траење – млечните производи, јогуртите, свежата храна и разладените артикли. Иако дел од нив се произведуваат локално, растечките трошоци за транспорт и енергија ја бришат предноста на домашното производство. Големи компании веќе најавуваат дека ќе мора да префрлат дел од зголемените трошоци врз потрошувачите.

Во следната фаза се очекува поскапување и кај производите за лична хигиена и козметика. Овие производи зависат од нафтени деривати, пластична амбалажа и енергетски интензивни производствени процеси, што ги прави особено чувствителни на глобалните ценовни шокови.

Сепак, експертите оценуваат дека овој бран нема да биде толку силен како кризата од 2022–2023 година, кога инфлацијата достигнуваше двоцифрени стапки. И покрај тоа, трендот е јасен – трошоците за живот продолжуваат да растат.

За граѓаните ова значи дополнителен финансиски притисок. Храната, основните производи и транспортот ќе бидат поскапи, додека растот на платите останува побавен од инфлацијата. Тоа директно се одразува врз куповната моќ и го отежнува секојдневниот живот, особено во првите месеци од адаптацијата.

Новите поскапувања уште еднаш покажуваат колку глобалните кризи – од енергетика до геополитика – брзо се прелеваат во паричниците на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен