Почина десеттата жртва од пукањето во училиште во Турција

FOTO: T24

Бројот на загинати во трагичното пукање во училиште во турскиот град Кахраманмараш се искачи на десет, откако едно од повредените лица денеска им подлегна на повредите во болница. Според официјалните информации, дел од ранетите и претходно биле во критична состојба.

Овој напад е втор ваков инцидент во Турција во рок од само два дена, што дополнително ја вознемири јавноста и ги отвори прашањата за безбедноста во образовните институции.

Во вчерашниот напад, 14-годишен ученик отворил оган во две училници во средно училиште, при што загинале наставничка и осум ученици, а уште 13 лица биле повредени. Напаѓачот, кој подоцна извршил самоубиство, во училиштето влегол вооружен со повеќе парчиња огнено оружје и муниција, кои му припаѓале на неговиот татко – пензиониран полициски службеник, кој по нападот бил приведен.

Само еден ден претходно, во соседната покраина Шанлиурфа, поранешен ученик извршил сличен напад во средно училиште, при што биле ранети 16 лица, главно ученици. И тој напаѓач си го одзел животот, а во врска со случајот досега се приведени околу 20 лица.

По серијата напади, во Анкара бил одржан итен состанок на министрите за внатрешни работи и образование, на кој присуствувале гувернери од сите 81 турска покраина, како и претставници на полицијата и образовниот сектор. Темата била зајакнување на безбедносните мерки во училиштата.

Дополнително, властите соопштија дека е формиран тим за психосоцијална поддршка на учениците и семејствата на жртвите, како и дека ќе се спроведе сеопфатна истрага за ваквите инциденти.

Во меѓувреме, во неколку турски градови се одржаа протести на просветни работници кои побараа поголема заштита во училиштата. Полицијата, пак, приведе десетици лица поради објави на социјалните мрежи со заканувачка содржина поврзана со училишта.

Зачлени се на нашиот е-билтен