Католичките верници од денеска имаат можност да му оддадат последна почит на починатиот папа Франциск, чиј отворен ковчег е изложен во базиликата Свети Петар во Ватикан. Погребната церемонија ќе се одржи во сабота, 26 април, со почеток во 10 часот на плоштадот пред базиликата.
Телото на папата ќе биде изложено три дена, без вообичаените симболи на папската власт, во согласност со неговата желба за поскромен испраќај. По комеморацијата, ковчегот ќе биде пренесен во базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што ќе биде погребан – прв папа по повеќе од еден век што нема да почива во Ватикан.
Се очекуваат над 200.000 верници, како и голем број државници од целиот свет. Меѓу нив се најавени: американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Церемонијата ќе ја предводи кардинал Џовани Батиста Ре, со учество на патријарси, кардинали и свештеници од целиот свет. Папата Франциско во својот тестамент изразил желба неговата гробница да биде едноставна, со само едно име: Franciscus.
