Соединетите Американски Држави го повлекоа од црната листа Антал Роган, еден од најблиските соработници на унгарскиот премиер Виктор Орбан, соопшти Стејт департментот. Како што е наведено, санкциите биле укинати затоа што нивното продолжување не било во согласност со надворешнополитичките интереси на САД.
Одлуката му била соопштена на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто од страна на американскиот државен секретар Марко Рубио, во телефонски разговор одржан во вторникот, информираше портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.
„Секретарот го информираше министерот Сијарто дека Антал Роган е отстранет од списокот на специјално назначени државјани и блокирани лица на американското Министерство за финансии“, изјави Брус. „Сметаме дека продолжувањето на санкциите против него повеќе не е во согласност со интересите на САД.“
Антал Роган е долгогодишен близок соработник на Орбан и ја води неговата канцеларија од 2015 година. Тој е клучен човек во медиумската стратегија на унгарската влада и учествува во организирањето на изборните кампањи на владејачката партија Фидес.
Санкциите против Роган беа воведени на 7 јануари годинава од администрацијата на Џо Бајден, поради сомнежи за коруптивни практики. Според тогашното соопштение на американското Министерство за финансии, Роган наводно го користел државниот систем за доделување јавни договори за да ги фаворизира соработниците лојални на него и на партијата Фидес.
Будимпешта остро реагираше на воведувањето на санкциите и најави дека ќе побара нивно укинување по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа на 20 јануари. Орбан и неговата партија Фидес важат за најгласни европски поддржувачи на поранешниот американски претседател.