Вработените во легалниот сектор за игри на среќа предупредуваат дека новиот предлог-закон може да предизвика сериозни последици за илјадници семејства, доколку биде усвоен без јавна дебата и без консултација со засегнатите страни.
На денешниот предупредувачки собир, Здружението на вработени „Сакам да работам“ порача дека законските измени не смеат да се носат зад затворени врати, особено ако директно го засегаат егзистенцијалниот статус на луѓе кои работат во легален и регулиран сектор.

Според здружението, со предложените решенија под ризик се ставаат околу 10.000 работни места, а последиците би ги почувствувале и нивните семејства. Оттаму предупредуваат дека евентуалното затворање на објектите би можело да создаде нов бран луѓе кои ќе бараат работа надвор од земјата.
„Доколку се усвои предлогот на Владата, 10.000 вработени во овој сектор ќе останеме на улица, а тоа значи дека заедно со нашите семејства ќе станеме 35.000 нови кандидати за иселување надвор од земјата. Каде ние да се вработиме? Нашите работодавачи ни обезбедија обуки и професионално усовршување по највисоки европски и светски стандарди. Ако овој сектор престане да постои, ние ќе немаме друг избор освен да аплицираме во странство за да работиме на места за кои сме се обучиле“, изјави Оливера Костова, претставничка на „Сакам да работам“.
Од здружението оценуваат дека јавната расправа за игрите на среќа подолго време се води во атмосфера на негативна кампања, без да се слушне позицијата на вработените. Костова порача дека заштитата на младите е важна тема, но дека затворањето на легалните објекти, според нив, може да има спротивен ефект.
„Долг период игрите на среќа се цел на негативна кампања. Ние не сме закана за младината. Закана за младината е популизмот кој, затворајќи ги легалните објекти, ќе ги направи младите лесен плен на играчници на црно кои ќе се одвиваат по подруми, каде државата ќе нема никаква контрола“, рече Костова.

Вработените велат дека зад секоја законска измена стојат конкретни луѓе со семејства, кредити, кирии и секојдневни обврски. Нивното барање е државата да не носи решенија што ќе ја загрозат нивната работа без претходно да ги слушне аргументите на оние што директно ќе бидат погодени.
„Дали некој се запрашал какво е чувството да се живее во ваква агонија и постојан немир? Од оваа работа ние чесно го вадиме нашиот леб. Ова е за нас единствен стабилен приход и надлежните мора да разберат дека овој предлог-закон удира врз реални човечки судбини. Сите ние имаме кредити за плаќање, подмируваме кирии и сметки, издржуваме семејства“, изјави Стеван Крстевски, претставник на „Сакам да работам“.
Крстевски оцени дека вработените во секторот со години се изложени на неизвесност поради политички одлуки и најави за законски измени. Тој порача дека работниците не треба да бидат третирани како колатерална штета во политички и бизнис пресметки.
„Цели 8 години сме жртви на секоја политика, на секоја Влада, за нечии лични бизнис интереси. Секој што сака да ќари евтини политички поени, удира по нашиот грб. Осум години секој што ќе стигне нè држи во заложништво. Оставени сме во целосна неизвесност и секој ден живееме во страв дали утре нашиот објект ќе биде затворен и дали нашите работни места ќе постојат“, рече Крстевски.
Од „Сакам да работам“ побараа Собранието и Владата да го повлечат спорниот предлог-закон и да отворат јавна и институционална дебата со сите засегнати страни. Здружението најави дека, доколку не се најде решение, вработените и нивните семејства ќе продолжат со јавни протести.
