Активистите од флотилата за Газа ќе се депортираат во Турција

Уапсениете активисти од пропалестинската флотила за Газа, денеска се ослободени од израелски притвор и во текот на денот ќе бидат депортирани во Турција, јавија израелските власти.

Активистите беа приведени на пристаниште во јужен Израел откако израелската морнарица ја пресретна флотилата во меѓународни води.

Во соопштението на израелската организација за човекови права „Адалах“ се наведува дека околу 430 активисти се ослободени од затвор во јужен Израел и ќе бидат депортирани преку аеродромот „Рамон“ во близина на Еилат на Црвено Море.

Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан изјави дека се организираат вонредни летови со кои ќе бидат транспортирани турски државјани во Турција, како и активисти од трети земји.

Ќе продолжиме да ги браниме правата на нашите граѓани и да ја исполнуваме нашата хуманитарна одговорност кон цивилите во Појасот Газа, наведе Фидан.

Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир вчера објави видео, во кое тој им се потсмева на приведените активистите. Израелски полицајци ги натераа активистите да клекнат на земја со рацете врзани зад грб, во присуство на ултрадесничарскиот министер Бен-Гвир.

Најчитано