Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Американски сенатори ќе ја посетат Унгарија поради кандидатурата на Шведска за НАТО

Делегација од американскиот Конгрес в недела ќе ја посети Унгарија за да изврши притисок врз Будимпешта да ја ратификува кандидатурата на Шведска за членство во НАТО кога унгарскиот Парламент повторно ќе се состане по зимскиот распуст, соопшти денеска Американската амбасада во Будимпешта.

Амбасадата соопшти дека сенаторите патуваат во Унгарија за да разговараат со унгарските власти за „стратешките прашања со кои се соочуваат НАТО и Унгарија“.

„Пристапувањето на Шведска во НАТО е прашање што директно влијае на националната безбедност на Америка, а исто така и на безбедноста на Алијансата како целина“, рече американскиот амбасадор во Будимпешта Дејвид Пресман претходно овој месец.

Унгарија е единствената земја членка на НАТО која го нема ратификувано барањето на Шведска. Шведска поднесе барање за членство во НАТО во мај 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина. Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата влада го поддржува влезот на Шведска во НАТО, но дека унгарскиот Парламент се противи.

Барањето на Шведска за членство во НАТО би можело да биде ратификувано кога унгарскиот Парламент повторно ќе се состане на крајот на февруари, објави пратеничката група на владејачката партија Фидес.

Зачлени се на нашиот е-билтен