Борисов му честитал на Мицкоски на победата на изборите, но вели дека со неговата реторика ја „воспалил целата бугарска политичка класа“
Лидерот на ГЕРБ, партијата која е голем фаворит на парламентарните и европските избори во Бугарија, денеска му порача на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ја скуси реториката бидејќи изборите поминаа. Бојко Борисов изјави и дека му честитал на Христијан Мицкоски на победата на изборите.
За време на кампањата во Бургас Борисов изјави:
„Има Договор за добрососедство што го склучивме со РСМ. Го повикувам колегата Мицкоски, тој е мој колега, тој ми е добар пријател, од ЕПП, да престане да зборува, бидејќи изборите поминаа. Му честитав на успехот, но со оваа реторика видовте дека целата бугарска политичка класа воспалена. Ако сака добрососедство, имаме договор, сите ќе си ги мериме приказните“.
Претседателката на социјалистите од БСП, Корнелија Нинова, беше уште поостра. Таа од Благоевград изјави дека Македонија „има преземено обврски кои мора да ги исполни, без разлика која влада е на власт.
Бугарија предолго покажа трпение и добра волја. Барањето нови отстапки е неприфатливо. Антибугарската реторика и говорот на омраза се апсолутно неприфатливи“.
Таа уште додаде дека Македонија е таа што сака да стане членка на ЕУ. „Тоа може да се случи само по измените на Уставот, за вклучување на Бугарите во него и бескомпромисно почитување на нивните права, како и категорично отфрлање на агресивната антибугарска пропаганда, поддржана до сега на највисоко државно ниво. Нема да дозволиме понижување на бугарското достоинство и оштетување на националниот интерес на Бугарија“, рече Нинова.