„Должни сме да ја алармираме јавноста дека работата на работната група за измени на Изборниот законик не се движи во правилна насока. Наместо суштински реформи за подемократски процеси, зад затворени врати повторно сме сведоци на добро познато сценарио: големите политички партии се обидуваат да си обезбедат меѓусебна предност и да го заштитат својот монопол”, вели во изјава за медиумите членот на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП), Дејанчо Цветановски.
Цветановски додава дека ЛДП отсекогаш била конструктивен партнер во сите процеси кои значат унапредување на демократијата и изборниот систем во Македонија и дека токму со таа цел, со добра волја и конкретни решенија, се вклучиле во работната група за измени на Изборниот законик.
„Меѓутоа, сведоци сме на игнорирање на прашањето за една изборна единица со отворени листи, кое е долгогодишно барање на ЛДП но и на граѓаните, а кое гарантира дека гласот на секој граѓанин ќе тежи исто и дека граѓаните ќе избираат личности, а не партиски послушници. Исто така, парадоксот со ‘високиот изборен праг’ – иако декларативно се согласуваат со моделот на една изборна единица, големите партии подмолно предлагаат неразумно висок изборен праг. Ова не е демократизација, ова е обид за елиминација на помалите партии и целосно затворање на политичкиот систем за нови, прогресивни идеи”, посочува Цветановски и додава дека ставот на ЛДП е дека нема да биде декор во ничии политички пазарења, ниту пак ќе даде легитимитет на процес кој наместо да ја унапредува, ја уназадува демократијата во државата.
Цветановски е дециден за тоа дека доколку дискусијата во работната група продолжи во овој правец, ЛДП не ја гледа потребата од своето понатамошно учество во неа.
„Ние не отстапуваме од принципите за фер, еднакви и отворени избори. Доколку големите партии сакаат да си донесат законик по сопствена мерка, ќе мора тоа да го направат сами, соочувајќи се со судот на граѓаните, но без наша поддршка”, завршува во својата изјава Цветановски.
