Во Скопје од денеска започнува да се одржува седмиот Медиумски фестивал Скопје посветен на корупцијата и улогата на медиумите во вечната антикорупциска борба.
Како и секоја година, содржините и на ова фестивалско издание, кое ќе се одржува до 23 ноември, се бесплатни. Трите фестивалски дена носат дискусии, но и филмска програма почнувајќи со македонската премиера на наградуваниот филм „Лекциите на Блага“, кој ќе се прикажува вечер во Кинотеката во Скопје. Во оваа морничава и напната драма пензионираната професорка Блага станува жртва на телефонска измама заради која останува без животната заштеда, по што добива примамлива, но сомнителна понуда за работа.
Фестивалското отворање во вторник, каде новинари од земјава и соседството ќе разговараат за (не)моќта на медиумите да се справат со корупцијата како сеприсутен феномен, ќе се одржи во Кинотека, а следните два дена Медиумскиот фестивал Скопје се сели во просториите на „Котур“ кафе.
Вториот фестивалски ден започнува со претставување на хрватскиот новинарски фестивал „Медиуми во времето“ (Media in Time) кој се одржува во Винковци. По дискусијата за предизвиците на младите новинари во денешната медиумска средина кај нас, ќе се прикажат и два кратки документарни филма потпишани од учесници во Програмата за млади новинари на ПИНА.
В четврток пак, учеснички од Програмата за жени новинарки на ПИНА ќе дискутираат за работата и резултатите од ваквото вмрежување, како и за предизвиците со кои се соочуваат новинарките кај нас.
Во рамки на Медиумскиот фестивал Скопје ќе се одржуваат и работилници за активни и надежни новинари, годинава посветени на мобилното новинарство и т.н. дата новинарство засновано на анализа на податоци и статистики.
Целосната програма за седмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје може да се погледне на веб страната www.mfs.mk