Поранешниот европски комесар Гинтер Ферхојген во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ) рече дека не е разбирзлив проблемот меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека тоа е прашање за 19-тиот век.
„На Бугарија се гледа како на земја членка на ЕУ која треба да гарантира добри односи со соседите и да придонесе за намалување на тензиите во тој дел на регионот и да ни помогне да го интегрираме Западен Балкан. Таа перспектива од придобивките на Бугарија како земја членка сѐ уште не е исполнета“, нагласува Гинтер Ферхојген во интервјуто за БНТ.
Ферхојген во интервјуто вели дека тој ја разбира историјата на регионот, но дека проблемот меѓу двете земји е прашање на минатото, а „европската интеграција значи дека треба да го оставиме овој проблем зад нас“.
„Северна Македонија е земја кандидат. Порано или подоцна ќе влезе во ЕУ. Не гледам што добива ниту една земја од овој спор. Има многу други слични примери во европската историја кога сме ги напуштиле духовите од минатото. И тука тоа треба да биде можно“, нагласува Ферхојген во интервјуто за БНТ.