Филипче: Државата го зголемила долгот за 700 милиони евра за три месеци

„Според официјален податок од 30.04 на Министерство за финансии, покажува дека само овој квартал Мицкоски има креирано екстра нов долг од 700 милиони евра што покажува дека Македонија оди во финансиска бездна”, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.

Филипче посочи дека состојбата со буџетот е сериозна и дека дефицитот веќе достигнал 408 милиони евра за само три месеци, што е 63% од вкупниот планиран дефицит а приходите во буџетот едвај 20%.

„Тој го почна мандатот со настанат долг од 8,4 милијарди евра, а на крајот на март долгот е 10,7 милијарди евра. Значи, Христијан Мицкоски, како премиер го зголемил долгот за 26% за само две години владеење. За само три месеци се реализираа дури и 63% од вкупно планираниот дефицит за цела година. Приходната страна едвај околу 20% од реализација”, потенцираше претседателот на СДСМ.

Филипче обвини дека Владата ги манипулира граѓаните со податоците за задолжувањето.

„Лагите дека оваа влада се задолжила само за да враќа стари долгови се демантирани со овој податок. Лажната бројка дека овој долг е под 60%, тоа е некаков замислен бруто домашен производ е само манипулација. Сите тие коишто се во оваа сфера, професионалци, експерти, оперираат со процент од 63. И што е пострашно во овој долг досега што го соопштив не влегуваат новите кредити од скоро 200 милиони евра за ЈПДП и за EЛЕМ. Мицкоски го менаџира буџетот како купи ден продај. Се задолжува без стратегија, без план и без грижа за граѓаните. Вистината е дека само за овие две години расипничко владеење, јавниот долг во нето износ или после враќањето на доспеаните стари кредити, Мицкоски акумулирал нов долг од цели 2,3 милијарди евра. Мицкоски ја води владава како дилетант, во економска, финансиска и социјална бездна.”, рече Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен