Денес се одбележува 90-тата годишнина од едно од најстрашните советски злосторства, Гладоморот-геноцид од 1932-1933 година, организиран од сталинистичкиот тоталитарен режим во Украина.
Една од раните определувања на Гладоморот како геноцид му припаѓа на познатиот полски правник со еврејско потекло, Рафаел Лемкин, кој го воведе самиот термин „геноцид“ во меѓународното право. На 20 септември 1953 година, во Њујорк, за време на комеморацијата на жртвите од гладот, Лемкин го одржа говорот „Советскиот геноцид во Украина“. Во него тој сведочеше за фактот за „помор од глад“, како и за „истребување на украинската нација преку нејзината русификација, прогон на културата, репресија против интелигенцијата, свештениците и националниот дух на Украина“.
Во текот на годините на независност на Украина, Гладоморот од 1932-1933 година беше признат како геноцид врз украинскиот народ од 28 држави и 3 меѓународни организации, меѓу кои и Европскиот парламент и Парламентарното собрание на Советот на Европа. Оваа година, 55 земји-членки на ОН и делегацијата на ЕУ ја потпишаа Декларацијата по повод 90-тата годишнина од Гладоморот од 1932-1933 година, иницирана од Украина во ОН.
Во февруари 2022 година, светот се убеди дека мотивите, целите и методите на Москва не се променети во текот на овие 90 години. Руската агресија против Украина исто така има за цел да ја избрише Украина од мапата на светот, да го уништи украинскиот народ, украинската култура, јазик и историја.
Бруталните убиства на цивилното население и егзекуциите на воени затвореници, киднапирањето на украински деца, нападите врз цивилни и критични инфраструктурни објекти се неоспорен доказ дека Русија врши геноцид врз Украинците во текот на напаѓачката војна против нашата земја.
Покрај тоа, Русија продолжува да ги користи храната и гладот како оружје на глобално ниво. Руската блокада на украинските пристаништа и попречувањето на меѓународната пловидба во Црното Море веќе предизвикаа недостиг на храна во многу земји во Африка и Азија.
Сеќавајќи се на Гладоморот од 1932-1933 година, и покрај спротивставувањето на руската вооружена агресија, Украина останува гарант за безбедноста на храната за многу земји и региони во светот.
Гладоморот ги одзема животите на милиони Украинци, но не ја скрши украинската нација во нејзината желба за слобода и живот во слободен, демократски и цивилизиран свет. Ние секогаш ќе се сеќаваме на жртвите на гладоморите, масовните вештачки гладови во Украина.
Благодарни сме им на нашите странски партнери што донесоа важни одлуки во врска со признавањето на Гладоморот од 1932-1933 година како геноцид врз украинскиот народ, за нивната поддршка и солидарност со Украина во овој тежок период од нашата модерна историја и ги повикуваме парламентите од оние земји кои сè уште не го презеле овој чекор да ги осудат злосторствата на болшевичкиот тоталитарен режим и да го признаат Гладоморот од 1932-1933 година во Украина како геноцид врз украинскиот народ.
Украина се сеќава, светот признава!
*Текстот е коментар на МНР на Украина по повод 90-тата годишнина од Гладоморот од 1932-1933 година во Украина
Преземено од Цивил медиа