Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Имало зголемен обем на работа и затоа Царина има потреба од втор заменик директор, објаснуваат од ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ

Новиот предлог законот за дополнителен заменик директор во Цариснката управа, веќе се наоѓа во Собранието и се очекува набрзо да се изгласа бидејќи за него се бара скратена постапка, а измената се однесува на раководната структура на актуелниот закон, каде покрај директор и заменик директор, се отвара ново заменичко место.

Предлагачи на оваа измена се Бобан Карапејовски од партијата ЗНАМ, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Белимова од ЗНАМ, Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Цеков од ЗНАМ, Павле Арсоски од ЗНАМ и Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.

Бобан Карапејовски, пратеникот од ЗНАМ, кој во предизборието говореше за намалување на партиските вработувања како и именувани лица, вели дека законското решение, е на барање на Царинската управа.

-Законското решение, генерално, е на барање на Царинската управа. Со овој предлог се дорегулира начинот на управување, со цел поефикасно и поефективно работење на оваа институција. Царинската управа се соочува со зголемен обем на работа и се надеваме дека на овој начин ќе се помогне за подобро реализирање на работите што се во рамките на нејзините ингеренции. Предлогот на законот не предизивикува финансиски импликации по Буџетот на државата. Духот на предлогот е на линија со нашите предизборни ветувања дека ќе се залагаме за подобро функционирање на институциите за да бидат подобар сервис на граѓаните, вели тој во изјава за Рацин.мк.

Според пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ причина за ова законско решение е подигнување на перформансите на институцијата.

-Ова е една од клучните институции кои придонесуваат кон полнење на буџетот, минатиот месец Царината заврши со рекордни собрани приходи, па заедно со Управата за јавни приходи сметаме дека , овие треба да се клучни институции за сузбивање на сивата економија и во таа насока е предложено ова законско решение, вели Стојановски за Рацин.мк.

На прашањето да ли тоа значи дека и во други институции се планира второ заменичко место, Стојановски вели дека засега нема таква потреба.

Од Царинската управа пак не одговорија на пршањата на Рацин.мк како ова раководно место ќе помогне во функционирањето на Царината.

Новото заменик- директорко место во Царина ќе ги чини граѓаните најмалку 150.000 денари кои би се однесувале на платата, а дополнителни средства би се трошеле на службено возило, административен персонал на заменикот итн.

Во моментот на директорското место на Царина е поставен Бобан Николовски кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додека на позицијата заменик директор е Гарип Каба од редовите на „Вреди“, а според информациите на Рацин.мк, законските измени се прават за заменик-директор во Царината да стане кадар на ЗНАМ, кој во моментов е советник на генералниот директор.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во предизборието најавуваше дека она што граѓаните најмногу ги интересира е намалување на позициите и измислените улоги во рамките на институциите како што се економски директори, како и укинување на позицијата заменик-директор

Од Социјалдемократскиот сојуз велат дека наспроти бомбастичните најави за рационалност и намалување на позициите, власта штанца директорски позиции само заради задоволување на партиски апетити.

-Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ветуваа намалување на заменичките места, на двојните директори, а во Царина сакаат да воведат уште еден, втор заменик-директор. Ете такви законски измени предлагаат ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието. Малку им се министри, заменици, директори, раководители, па си измислуваат позиции заменик на заменик-директор. Досега вакво нешто не е видено, ниту чуено, Царина да има директор, заменик-директор и уште еден, втор заменик-директор. Кого ќе менува вториот заменик во Царина? Директорот, заменик-директорот или самиот себе“. Нема пари за работниците, а Царина ќе добие втор заменик-директор, велат од СДСМ.

Оттаму велат оти е очигледно дека коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ се гладни, па освен за „Вреди“, треба да има заменик-директор и на ЗНАМ.

Соња Танеска

Најново