Во галеријата „Метаноја“ во Скопје во вторник (28 ноември) од 18 часот ќе биде отворена изложбата „Таен премин кон Месечината“ на Ване Костуранов. Изложбата е реализирана во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“ и ќе трае до крајот на јануари 2024.
За изложбата д-р Коста Милков вели: „Конечното уметничко дело е комплетирано преку „техне“ и „логос“ не во смисла на современиот композит „технологија“, туку во смисла на егзистенцијалната феноменологија. Овие два концепта се неизбежно поврзани на нивото на соодносот меѓу уметничкото (τέχνη) и словесното (λόγος ). Процесот на креативната концептуализација со бои и четка и мисловната концептуализација со зборови и перо овозможуваат артикулација на она што генерички се именува како духовно. Притоа „техне“ ја претставува естетската рефлексивност, а „логос“ ја изразува контемплативната поетичност. Куќичките, дрвјата, патеките, Сонцето и Месечината на Костуранов се уметничка поезија.“
На изложбата ќе се обрати рецензентот д-р Коста Милков, директорката на Галерија „Метаноја“, м-р Нада Милкова, и авторот на делата Ване Костуранов.