Поранешниот шеф на Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, е ослободен од притвор откако за него беше собрана кауција од 140 милиони гривни, односно околу 3,2 милиони долари. Високиот антикорупциски суд во Украина потврди дека целосниот износ бил уплатен на 18 мај.
И покрај излегувањето од притвор, Јермак останува под строги судски ограничувања. Тој не смее да го напушти Киев без дозвола, мора да се јавува на повик на истражителите, обвинителството и судот, да ги предаде пасошите и да носи електронски уред за надзор. Забрането му е и да комуницира со други осомничени во случајот, меѓу кои се поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов и бизнисменот Тимур Миндич.
Јермак е осомничен во истрага за перење пари поврзана со луксузен станбен комплекс во Козин, во близина на Киев. Украинските антикорупциски органи тврдат дека преку проектот биле испрани околу 10,5 милиони долари. Јермак ги отфрла обвинувањата и најави жалба на одлуката на судот.
Високиот антикорупциски суд на 14 мај му одреди притвор со можност за кауција. По одлуката, Јермак изјави дека лично не располага со таква сума и дека неговите адвокати ќе побараат помош од пријатели и познаници. До утрото на 18 мај биле собрани повеќе од потребните 140 милиони гривни.
Случајот е дел од пошироката операција „Мидас“, една од најголемите антикорупциски истраги во Украина за време на војната. Во неа се споменуваат повеќе лица блиски до политичкиот и деловниот круг околу украинската власт, вклучително и Миндич, кој е поранешен деловен соработник на Зеленски. Антикорупциските институции соопштија дека Зеленски не е предмет на истрагата.
Јермак беше еден од највлијателните луѓе во украинската власт од 2020 до 2025 година и важеше за најблизок соработник на Зеленски. Тој имаше клучна улога во политичката координација во Кабинетот на претседателот и во дипломатските разговори поврзани со војната со Русија. Неговата оставка минатата година беше дел од пошироките политички потреси предизвикани од антикорупциските истраги.
Случајот доаѓа во чувствителен период за Украина, која истовремено води војна, бара дополнителна западна поддршка и настојува да покаже напредок во борбата против високата корупција, важен услов во процесот на приближување кон Европската Унија.
