Владата донесе одлука за ограничување на пловидбата на пловни објекти на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, со цел зголемување на безбедноста на капачите и учесниците во водниот сообраќај во текот на летната сезона.
Одлуката е донесена на предлог на Министерството за транспорт и предвидува ограничувања за скутери и чамци во периодите кога езерата се најкористени од туристи, капачи и рекреативци.
Пловидбата на скутери ќе биде ограничена од 1 јули до 31 август 2026 година, секој ден од 11:00 до 19:00 часот. Ова е периодот во кој плажите и крајбрежните зони се најпосетени, а ризикот од инциденти е најголем.
За чамците се воведува ноќен режим на ограничување. Од 3 јуни до 31 август 2026 година пловидбата ќе биде ограничена од 21:00 до 05:00 часот. Од 1 до 30 септември ограничувањето ќе важи од 20:00 до 06:00 часот, а од 1 до 31 октомври од 19:00 до 06:00 часот.
Според надлежните, мерката треба да го намали ризикот од несреќи, да спречи загрозување на безбедноста на капачите и да овозможи непречено користење на езерските води во сезоната кога водниот сообраќај е најинтензивен.
Од Министерството најавуваат засилени контроли на езерата. За непочитување на пропишаните ограничувања ќе се преземаат мерки согласно законските прописи, а сопствениците и управувачите на скутери и чамци се повикуваат да ги почитуваат правилата за пловидба, означените безбедносни зони и насоките на надлежните служби.
Одлуката се однесува на трите природни езера што во летниот период имаат најголема туристичка и рекреативна фреквенција. Таа доаѓа во пресрет на главната сезона, кога Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро се под зголемен притисок од капачи, пловни објекти и туристички активности.
