„Во текот на вчерашниот ден јас имав прес конференција, како што имам прес конфереција кога медиумите имаат желба да бидат присутни. И досега не се случило, видов натписи и одредени реакции утрово, досега не се случило да не одговорам на некое новинарско прашање. Не се случило на настан којшто е од јавен карактер да бидат присутни сите медиуми без никакви исклучоци. Кога зборуваме за слободата на медиумите и демократијата тогаш најдобро е да зборуваме врз основа на факти. Ние во државата успеавме после 11 години комплетно недемократски режим, кој одредени медиуми го поддржуваа, да направиме голем исчекор во слободата на медиумите и тоа се потврдува со рангирањето коешто нашата држава го има на листата на Репортери без Граници“, рече премиерот Димитар Ковачевски на народниот собир во Селце во околината на Прилеп, во одговор на прашањето во врска со вчерашната непријатност предизвикана од прашање на новинар.
Тој додаде дека сме биле држава која што беше на 120 место во светот според слободата на медиумите, денес сме 38 место според слободата на медиумите. Тоа е скоро сто места погоре на листата.
„Сметам дека неколку работи се важни. Прво, во однос на слободата на медиумите имаме напреднато 100 места, второ дека одговорот не беше насочен кон новинар, туку како што сега објаснив, насочен кон самото прашање и одговарање на концепт во однос на прашањето. И трето што сакам да го истакнам дека во нашата држава постојат 2 политички партии кои во моментов се во опозицијата, тука мислам на ВМРО – ДПМНЕ и Левица на кои единствена агенда во моментов им е ширење на тензии на национална основа што го прават на секојдневна основа. Тоа ги става во прилично непријатна ситуација и медиумите со оглед на тоа што мора постојано да известуваат за се она што е кажано нормално од политичките партии“, потенцираше Ковачевски.
Тој заклучи тоа не води кон европски концепт на државата, туку води многу назаден концепт кој видовме како изгледаше во 2001 година, а го видовме и како изгледаше 11 години во време кога државата беше изолирани во однос на евроинтеграциите и интеграцијата во НАТО.
Ковачевски: Истите тие партии кои што сега се прават лавови, 11 години беа како мачиња во коалиција со истата таа политичка партија ДУИ
„Истите тие политички партии, кои што денес зборуваат против одредени политички партии со етнички предзнак, 11 години беа во власт со истите тие партии. Истите тие партии кои што сега се прават лавови, 11 години беа како мачиња во коалиција со истата таа политичка партија ДУИ за која што денес зборуваат“, истакна премиерот Димитар Ковачевски на обраќање на народниот собир во Селце.
Според Ковачевски, Битиќи добро постапил и изрази поддршка за тоа што го направил. Тој потсети дека Битиќи е Албанец, но тој истовреме е вицепремиер во Владата предложен од СДСМ.
„Тој е мој вицепремиер, меѓутоа Битиќи не е вицепремиер затоа што е Албанец, туку затоа што неговата биографија е една од подобрите во областа на економијата во мојата генерација. Тоа е човек кој работел на меѓународни проекти, за различни финансиски институции, кој поминал врвни обуки во САД по нивни избор и сметам дека поставување на прашање дали некој од друга етничка заедница може да обавува некоја функција, е некоректно“, истакна Ковачевски.
Ковачевски: Кандидатот на СДСМ ќе победи на претседателските избори затоа што граѓаните не сакаат нова изолација
„Победата на СДСМ и Европскиот фронт на претседателските избори наредната година ќе биде првиот пораз на антиевропскиот концепт. Кандидатот на СДСМ ќе победи на претседателските избори. Затоа што граѓаните не сакаат нова изолација, нови иселувања на младите, стагнација и неизвесност“, истакна премиерот Димитар Ковачевски на народниот собир во Селце.
Тој додаде дека со победа ќе се обезбеди правецот по којшто се движи земјата да остане на европските шини, на вистинскиот пат и посочи дека победата на СДСМ и Европскиот фронт на парламентарните избори и формирање на новата проевропска Влада токму од СДСМ ќе биде вториот пораз на антиевропските политичари.
„Затоа што граѓаните сакаат европска иднина, поголеми плати, подобар животен стандард, сакаат младите својата иднина да ја градат во европска држава, дома, во својата татковина. За напредна, богата, силна, европска Македонија“, заклучи Ковачевски.