По итната евакуација поради ханта вирусот: крузерот пристигнува на Тенерифе, патниците се враќаат дома

Глодарите можат да бидат природни носители на хантавирусот, кој најчесто се пренесува преку урина, измет или плунка во контаминирана средина.

Драматична здравствена криза и итна евакуација го потресоа луксузниот крузер „MV Hondius“, кој се најде во центарот на светското внимание по појавата на хантавирус меѓу патниците и екипажот, при што бродот денови беше блокиран во близина на брегот на Зеленортските Острови, пред да добие дозвола да продолжи кон Шпанија.

Според информациите, на бродот се наоѓале речиси 150 луѓе, а кризата ескалирала откако кај дел од патниците се појавиле симптоми на тешка респираторна инфекција. Поради сериозноста на состојбата, три лица биле итно евакуирани од бродот, од кои две се во тешка здравствена состојба, што дополнително ја засилило загриженоста кај здравствените власти.

Крузерот бил ставен под строг надзор и привремено блокиран, додека се спроведувале проверки и координација меѓу шпанските здравствени служби и меѓународните институции. По проценка на состојбата, било одлучено бродот да продолжи кон Тенерифе, каде се очекува да пристигне во рок од неколку дена.

Шпанските власти соопштија дека, доколку патниците пристигнат без симптоми, тие ќе бидат тестирани и потоа организирано вратени во своите матични земји. Дел од патниците, вклучително и оние кои имале можен контакт со заразените, ќе бидат ставени во карантин во медицински установи, меѓу кои и во воена болница во Мадрид, каде времетраењето на изолацијата ќе зависи од можниот момент на изложеност на вирусот.

Според податоците на Светската здравствена организација, досега се потврдени неколку случаи на инфекција, а тројца пациенти починале — холандски брачен пар и германски државјанин. Дополнително, уште неколку лица се водат како сомнителни случаи, при што дел од нив веќе се лекуваат во своите земји.

Здравствените експерти посочуваат дека станува збор за редок вид на хантавирус, познат како андски сој, кој во исклучителни случаи може да се пренесува меѓу луѓе преку многу близок контакт. Сепак, нагласуваат дека ваквиот начин на пренос е исклучително редок, а ризикот за пошироката јавност останува низок.

Иако патниците се наоѓаат во релативна стабилна состојба, целата ситуација останува под строг надзор, додека истрагата за изворот на инфекцијата и начинот на ширење на вирусот продолжува.

Зачлени се на нашиот е-билтен