Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Лидерите на земјите од Западен Балкан го потпишаа Договорот за признавање на професионалните квалификации на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерки и фармацевти

Лидерите на земјите од Западен Балкан во Тирана, денеска на Самитот во рамките на Берлинскиот процес, потпишаа Договор за меѓусебно признавање на професионалните квалификации на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите во контекст на Договорот за слободна трговија.

Овој договор е продолжување на заложбите од последниот Самит на Берлински процес кога лидерите на земјите од Западен Балкан, усогласија признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на договорот за слободна трговија.

Со овој Договор се поттикнува мобилноста на стручните лица преку усогласување на вештините со потребите на пазарот на труд, истакнувајќи ги целите за промовирање на хармонизација на регулативата и приближување кон правото на Европската Унија. 

Целта на овој Договор е да се воспостави автоматско признавање на професионалните квалификации врз основа на условите за обука и да се примени на сите регулирани професии утврдени во Договорот и EУ Директивата. Ваквото регулирање дозволува мобилност со олеснети административни бариери.

Според овој Договор, начинот и условите кои се применуваат за признавање на професионални квалификации за секторските професии ќе бидат согласно правилата на ЕУ Директивата. Истиот обезбедува повеќекратна добивка, бидејќи не само што ќе се применуваат критериумите на ЕУ во мобилноста на заедничкиот пазар, туку земјите имаат обврска да ги усогласат наставните програми за овие професии со барањата на ЕУ, преку што се обезбедува подобар квалитет и мобилност на овој кадар во рамките на Западен Балкан.

„Ваквите договори се уште една потврда за важноста на Берлинскиот процес, кој континуирано допринесува да се унапреди соработката помеѓу Владите на Западен Балкан и да се иницираат форми на заедничко поврзување, а за тоа е доказ и Декларацијата на лидерите од Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар како катализатор за подлабока регионална економска интеграција“, се вели во соопштението на Владата на Северна Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен