Само неколку месеци по убедливата изборна победа, унгарскиот премиер Петер Маѓар ги отстрани клучните функционери и институционални механизми врз кои Виктор Орбан ја градеше својата власт во изминатите 16 години.
Партијата ТИСА на изборите од 12 април освои 141 од вкупно 199 пратенички места, со што доби двотретинско мнозинство и можност самостојно да го менува Уставот и законите што ја регулираат работата на најважните државни институции. Фидес на Орбан освои 52 мандати, додека крајнодесничарската партија „Наша татковина“ доби шест.
Маѓар ја презеде власта во мај со ветување дека нема само да ја смени владата, туку ќе го разгради политичкиот систем познат како НЕР, или Систем на национална соработка. Тој беше изграден по враќањето на Орбан на власт во 2010 година и се потпираше врз лојални кадри во обвинителството, судството, безбедносните служби, јавните медиуми и државните компании.
Најголемиот политички удар беше отстранувањето на претседателот Тамаш Шујок. Неговиот мандат беше прекинат во јули со уставна измена што претходно самиот ја потпиша. Новите правила воведоа и старосна граница за уставните судии, со што функцијата ја загуби и претседателот на Уставниот суд, Петер Полт, долгогодишен сојузник на Орбан.
Владата смени четворица раководители на тајните служби, директорот на антитерористичката единица ТЕК, поранешниот портпарол на Орбан и првиот човек на Државниот завод за ревизија. Истовремено беше укината Канцеларијата за заштита на суверенитетот, институција која беше критикувана од Европската комисија поради притисок врз независните медиуми и невладините организации.
Под политички притисок поднесе оставка и главниот обвинител Габор Балинт Наѓ. Неговото заминување отвори простор за обновување или започнување истраги за случаи кои, според критичарите на претходната власт, со години биле блокирани бидејќи засегале луѓе блиски до Фидес.
На крајот од јули парламентот формираше посебна канцеларија за пронаоѓање и враќање државен имот стекнат преку коруптивни зделки. Под лупа треба да се најдат бизнисите на најбогатиот Унгарец Леринц Месарош, зетот на Орбан, Иштван Тиборц, и други компании кои во изминатите години добиваа големи државни договори. Сите наведени тврдат дека работеле законски.
Властите го истражуваат и случајот со околу 500 милијарди форинти, или приближно 1,38 милијарди евра, за кои се тврди дека биле изгубени преку фондации поврзани со поранешното раководство на Народната банка. Даночната управа блокирала и повеќе обиди средства поврзани со стариот систем да бидат префрлени во Обединетите Арапски Емирати, Сингапур и САД.
Унгарија се приклучува и кон Европското јавно обвинителство, кое ќе може да истражува злоупотреби на европските фондови. Одлуката за членство е веќе потврдена, а канцеларијата треба да стане оперативна по назначувањето на унгарскиот европски обвинител.
Маѓар истовремено го затвори патот за ново премиерско враќање на Орбан. Со уставна измена премиерскиот мандат е ограничен на најмногу осум години, при што во пресметката се вклучуваат и мандатите од 1990 година наваму. Тоа практично го оневозможува Орбан повторно да биде избран за премиер.
Орбан не го презеде пратеничкиот мандат по изборниот пораз и најави дека ќе се посвети на реорганизација на Фидес. Партијата во меѓувреме се соочи со оставки и повлекување на повеќе истакнати кадри, а поранешниот министер за надворешни работи Петер Сијарто го напушти парламентот и премина на раководна позиција во кинескиот производител на електрични возила БИД.
Промената особено силно се почувствува во медиумите. Државниот радиодифузер МТВА објави црн екран со извинување дека јавниот сервис не смее да лаже, по што беше започната негова целосна реорганизација. Дел од провладините медиуми останаа без државното рекламирање од кое зависеа, отпуштија стотици вработени или целосно престанаа со работа.
Сепак, брзината и начинот на кој Маѓар ги спроведува промените отворија прашања дали власта го обновува демократскиот систем или го користи истото двотретинско мнозинство со кое Орбан претходно ја концентрираше моќта. Фидес го обвинува новиот премиер дека со персонализирани и ретроактивни закони ги отстранува политичките противници.
Европската комисија реформите ги оцени како радикална промена и со Унгарија договори антикорупциски и правосудни обврски поврзани со ослободување на 16,4 милијарди евра претходно замрзнати европски средства. Вистинскиот тест ќе биде новиот устав, чија подготовка треба да трае најмалку 18 месеци и да покаже дали Маѓар ќе воспостави трајни институционални ограничувања или нов систем концентриран околу една партија.
