Македонец собрал банкноти од речиси цел свет, уште 13 му недостасуваат за светски рекорд

Македонецот којшто собрал банкноти од речиси цел свет, му недостасуваат уште 13 за светски рекордна и целосна светска колекција, е туристичкиот водич Спасе Манев. Тој е основач на Фејсбук групата „Патувања низ Македонија“, кој од јануари 2020 година собира важечки банкноти од целиот свет и сега бара помош за последните примероци што му недостасуваат.

За да ја комплетира колекцијата, на Манев му недостасуваат уште 13. Од нив, четири се од Јужна Америка, а девет од Африка. Во моментов, фокусот го става на банкнотите од Јужна Америка, за кои побара помош и од пријателите и следбениците на социјалните мрежи.

Тој апелира доколку некој патува во земјите од листата, или познава лица кои би можеле да му помогнат, да му обезбеди некоја од банкнотите што ги бара. Како што наведува, вредноста не е важна и може да биде најмала номинала, но банкнотата треба да биде сè уште важечка во земјата од каде што доаѓа и да биде во добро сочувана состојба.

Хобито го започнал во јануари 2020 година, а првите банкноти што ги собрал биле хрватската куна, која веќе не се користи, романските леи и унгарските форинти. Со текот на времето, колекцијата растела, а за да ја организира, Манев нарачувал и специјални албуми од странство, бидејќи такви, според неговата објава, не можел да најде во Македонија.

Неговата амбиција не завршува само со лична колекционерска страст. Манев планира колекцијата да ја пријави во неколку меѓународни регистри, меѓу кои World Record Academy, RecordSetter и Official World Record, како и во нумизматички организации, со цел да ја претстави како престижно достигнување.

На листата банкноти од Јужна Америка што му недостасуваат се новите изданија на Falkland Islands pounds од 5, 10 и 20 фунти, кои се во оптек од 14 август 2025 година, Netherlands Antilles Caribbean Guilders, Belize dollar и Jamaican dollar.

Приказната на Манев е ретка македонска колекционерска приказна што ја спојува љубопитноста кон светот, патувањата и трпеливоста потребна за хоби што не се гради брзо. Сега, до можен светски рекорд го делат само уште 13 банкноти.

Зачлени се на нашиот е-билтен