Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Маричиќ: ВМРО-ДПМНЕ немаат ниту намера ниту план за влез на Македонија во ЕУ

„Скапо сме ги плаќале заблудите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните тврдења дека постои шанса да се испреговара подобар дил. И со Грција чекавме подобар дил, кој не дојде на маса и десет години подоцна го решивме проблемот под полоши услови. Тие немаат ниту јасна намера за решавање, ниту план“, оцени вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Топ тема“ на Телма.

Тој додаде дека планот на ВМРО-ДПМНЕ бил Бугарија да спроведе три пресуди од Европскиот суд за човекови права, Европскиот совет да ни го гарантира македонскиот идентитет, а и сега македонскиот јазик е гарантиран во преговарачката рамка, а имаме и потврда од германскот Бундестаг и сите за идентитетот.

„Тоа е несериозен пристап од ВМРО-ДПМНЕ. Јас сум сигурен дека тие се спремни да влезат во повторни преговори кои ќе траат уште 15 години“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека за тој период, Албанија и Црна Гора ќе станат членки на ЕУ, а земјава ќе остане на маргините.

„Антиевропската идеја е губитничка и не внесува во тунел од кој нема да излеземе уште 15 години. Илузиите на ВМРО-ДПМНЕ дека можеме со еднострани наши одлуки да ревидираме нешто што цел свет го верификувал нема да донесе ништо плус. Затоа сум сигурен дека и на овие избори, коалицијата предводена од СДСМ ќе има успех и ќе биде столб на следната влада“, нагласи Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ посочи дека „цената за уставните измени ќе биде повисока ако се одлагаат“

„Сме разговарале повеќе пати дека цената на уставните измени ќе биде повисока по изборите. Подобро беше до сега да ги направиме уставните измени, без други дополнителни прашања“, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Топ тема“ на Телма.

Тој додаде дека сега се отвораат и прашањата за избор на претседателот во Собранието, кое е  отворено од повеќе партии, како и прашањето за 20 отсто и албанскиот јазик.

„Наредниот пат, кога и да се отвора Уставот, многу прашања ќе се отворат. Затоа сакавме тоа да се случи сега, бидејќи бевме ограничени на едно прашање. Сега по изборите легитимно е секоја партија, па можеби и СДСМ, да има идеи како да се подобри Уставот“, истакна Маричиќ.

Треба да знаете
Moже да ве интересира