Меѓународен ден на музеите – бесплатен влез и изложби низ Македонија

На 18 мај се одбележува Меѓународниот ден на музеите, датум посветен на институциите што го чуваат културното наследство, историјата, уметноста и колективната меморија.

Годинешната глобална тема е „Музеите обединуваат поделен свет“, со фокус на улогата на музеите како простори за учење, дијалог, културна размена и зачувување на различните историски и општествени искуства.

Во Македонија, повеќе музеи денеска организираат изложби, посебни програми и бесплатен влез за посетителите. Наместо музеите да останат простор што се посетува само при училишни екскурзии или свечени поводи, 18 мај повторно го отвора прашањето колку културното наследство е достапно, видливо и разбирливо за јавноста.

Во Музејот на Република Македонија во Скопје во 13 часот ќе биде отворена изложбата „Вода: Од исконски верувања до современ пулс“. Поставката преку археолошки, етнолошки и уметнички пристап ја истражува водата како елемент поврзан со животот, верувањата и културниот развој на заедниците. Изложбата се реализира во соработка со Националниот археолошки музеј и Музејот „д-р Никола Незлобински“ од Струга.

Во Националниот археолошки музеј вечерва во 19 часот ќе биде повторно отворена постојаната нумизматичка збирка, со околу 2.500 монети што опфаќаат период од 6 век пред новата ера до 20 век. Во музејот ќе се одржи и инклузивната модна ревија „Модата во минатото“, инспирирана од стилот и културното наследство низ вековите.

Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје е отворена за посетители од 10 до 18 часот, со изложбата „Мирот започнува со Насмевка“, составена од фотографии и цитати преку кои се претставува пораката за мир, хуманост и добрина.

Во Куманово, во Лапидариумот, од 12 до 18 часот ќе се одржи настанот „Музеј на граѓаните“. Посетителите се повикани да донесат предмет со лично или семејно значење – фотографија, книга, документ, личен предмет или семејна реликвија – што ќе стане дел од еднодневна изложба.

Во музејските институции каде што нема посебно отворање на изложба, посетителите ќе можат бесплатно да ги разгледаат постојаните и времените поставки.

Меѓународниот ден на музеите се одбележува од 1977 година, на иницијатива на Меѓународниот совет на музеите. Неговата цел е да ја истакне улогата на музеите не само како чувари на предмети, туку и како јавни простори во кои културното наследство се толкува, пренесува и поврзува со современиот живот.

Најчитано