Премиерот Христијан Мицкоски очекува средба со Македонската банкарска асоцијација за унгарскиот заем да се одржи во втората половина од следната недела. Како што изјави денеска, планира лично да присуствува на состанокот „за да го изнесе својот став“.
Одговарајќи на прашања по увидот во градежните работи на три делници кај Велес, Мицкоски потврди дека компаниите нема да се соочат со дополнителни трошоци над веќе утврдените.
„Компаниите нема да имаат поголем трошок од веќе договорениот. Министерката е на пат за Скопје, денеска се враќа од Брисел по серија состаноци. Откако ќе пристигне, очекувам наредната недела, во втората половина, да се одржи средбата со Македонската банкарска асоцијација. Ќе инсистирам да присуствувам и да го искажам својот став,“ рече Мицкоски.
Премиерот претходно изјави дека средствата од унгарскиот заем се пристигнати, но разговорите со комерцијалните банки за обврските на државата сѐ уште траат. Домашните компании ќе ги добијат средствата под истите услови под кои заемот е обезбеден, потенцираше тој.
За заемот од 500 милиони евра од Унгарија, државата ќе мора да плати 240 милиони евра камата на унгарската Експорт-импорт банка во текот на 15 години, а компаниите што ќе користат 250 милиони евра од овој заем ќе плаќаат дополнителни 120 милиони евра камати на банките што ги пласираат средствата, што значи дека овој кредит нема ниска каматна стапка, туку по реалниот износ од 6,5 проценти.
Овие 240 милиони евра ќе се враќаат од буџетот, а со оглед на тоа што дел од кредитот ќе оди и кон општините, кои имаат ограничени буџети, враќањето ќе биде дополнителен товар.
С.Т.