Муцунски зборува за рушење, 4.847 дивоградби во Охрид сè уште стојат

Во Охрид има 4.847 дивоградби, ниту едно од 456-те извршни решенија за уривање не е спроведено, а министерот Тимчо Муцунски сега вели дека бесправните објекти треба да се отстранат „на законски начин“. Изјавата доаѓа откако УНЕСКО реши Охридскиот Регион засега да не го впише на Листата на светско наследство во опасност и им остави дополнителен рок на државните и локалните власти.

Муцунски оцени дека одлуката претставува значаен дипломатски успех, но призна дека секој предмет треба да се разгледува одделно и дека надлежностите се поделени меѓу централната и локалната власт. Владата и општините презеле обврски за спроведување на планот до 2030 година, а нов извештај за напредокот треба да достават до 1 февруари 2027 година.

Зад дипломатското славење останува состојбата на терен. Државниот завод за ревизија утврди дека за 4.847 бесправно изградени објекти биле одбиени барањата за легализација, но не биле преземени мерки за нивно отстранување. Од 2019 до 2024 година биле издадени 456 конечни и извршни управни акти, без ниту едно спроведено уривање.

Ревизорите утврдиле и дека Општина Охрид не изработила целосен регистар на дивоградбите, ниту процена на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на регионот. Не биле отстранети ниту објектите во заштитените подрачја за кои претходно било оценето дека го загрозуваат природното и културното наследство.

УНЕСКО со години бара систематска процена на нелегалните објекти и конкретни одлуки за отстранување или намалување на нивното штетно влијание. Организацијата предупредува дека неконтролираниот урбан развој, загадувањето, инфраструктурните проекти и недостигот од просторно планирање предизвикуваат сериозно влошување на состојбата во Охридскиот Регион.

Пред конечната одлука во Бусан, предлогот беше Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност поради недоволен напредок и неотстранети ризици. Впишувањето беше одложено врз основа на писмото со обврски потпишано од Владата и општините, со што власта доби нов рок, но не и потврда дека проблемите се решени

Најчитано