Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Надлежните грчки министри ќе ги информираат пратениците од Нова демократија за предлог-законот за истополовите бракови

 Поделени во две групи, попладнево и утре, пратениците од грчката владејачка партија Нова демократија ќе бидат информирани од надлежните министри за она што би го содржел предлог-законот за истополовите бракови, додека пак владиниот портпарол Павлос Маринакис истакна дека оваа законска регулатива го зајакнува семејството, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретниот закон, иако сè уште не е официјално соопштен, ниту пак донесен на владина седница, предизвика реакции во Грција, а постојат пратеници од Нова демократија кои се изјаснија дека нема да го поддржат.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, Маринакис го повтори ставот на грчкиот премиер дека оние пратеници од Нова демократија, кои не се согласуваат, подобро е да отсуствуваат од гласањето отколку да гласаат против.

Меѓу оние кои се против законот е и поранешниот премиер од редовите на Нова демократија Андонис Самарас.

За конкретниот закон, Маринаки објасни дека целта е да се реши неправедност кон одредени граѓани, а во однос на правото на посвојување објасни дека од 1946 година еден маж или една жена можат сами да посвојат дете, а потоа да потпишат договор за соживот со маж или жена и заедно да го растат детето

-Проблемот е што овие деца во овој случај немаат можност и двајцата да ги имаат како родители и ги немаат правата што ги имаат другите деца, објасни Маринакис.

Предлог-законот, според грчките медиуми, се очекува да биде доставен кон крајот на следниот месец.

Зачлени се на нашиот е-билтен