ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ воведува нов модел за користење на јавните паркиралишта, со кој повластеното паркирање за жителите повеќе нема да се врзува само со пријавено живеалиште на поединец, туку со станбена единица.
Со новиот систем, секој стан во Општина Центар добива право на бесплатно паркирање за едно возило во зоната на живеење. Целта, според претпријатието, е да се намали притисокот врз паркинг-просторот во густо населените делови на општината и да се обезбеди порамномерна распределба на јавниот простор меѓу жителите.
Досегашниот модел овозможуваше во едно домаќинство со повеќе пријавени лица да се регистрираат повеќе возила со повластени услови. Од ПОЦ оценуваат дека тоа создало дополнителен товар врз паркиралиштата, особено во населбите со ограничен број места и висок дневен притисок од возила.
Покрај бесплатната повластена карта за првото возило, новите правила предвидуваат надомест за второ и трето возило. За второ возило, жителите ќе плаќаат 500 денари месечно, наместо досегашните 250 денари, додека за трето возило надоместот се зголемува од 1.200 на 1.500 денари месечно.
Нови цени има и за дел од другите услуги на претпријатието, вклучително и за месечни билети, дневни припејд карти и интервенции со пајак-службата. Според одлуката, месечниот билет се зголемува од 2.000 на 2.500 денари.
Како дел од измените се воведува и таканаречена хуманитарна зона, односно посебно обележани паркинг-места од кои собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели во соработка со Црвениот крст.
