Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Орданоски: Трамп по овие избори или ќе заврши во Белата Куќа, или на долгогодишна робија

Сашо Орданоски секогаш има „нетрадиционални“ погледи на важни политички прашања кои отстапуваат од познатите, мејнстрим со кои сме преплавени кога се дебатира за актуелни процеси во политиката и општеството. Токму затоа побравме од него мислење за некои аспекти кои се однесуваат на изборите во САД. Неговите одговори ја потврдија нашата мотивација да го побараме неговото мислење.

Какви се твоите прогнози за изборите во САД? Последните објавени анкети од таму велат дека трката е изедначена со мала предност на Харис.

Моите прогнози се дека доколку победи Трамп, покрај традиционалните и добро познати слоеви на поддржувачи што тој ги има во милионското гласачко тело зад себе, тоа особено ќе биде резултат на натпросечната мобилизација на помладите машки, главно бели, гласачи кои, во епохата во која сите живееме, се чувствуваат несигурни, збунети, дури и уплашени за својата иднина, многу од нив се со конзервативни, патријархални ставови, агресивни и раздразнети од општествените промени во кои расните, културните, сексуалните, родовите, јазичните и секакви други малцинства бараат еднаквост во своите човекови и политички права… Трамп за нив е симболот на политичката „цврста рака“, отворен женомрзец, таман доволно расист за сите постоечки фрустрации во американското современо општество, одмаздникот против модернизмот, напредокот и против за нив омразениот американски политички естаблишмент.

Од друга страна, доколку победи Харис, речиси сум сигурен дека клучниот фактор за тоа ќе биде необично високата гласачка мобилизација на жените, особено белите жени од помлада и средна возраст, од предградијата, со или без колеџ-образование, кои имаат исклучително негативни ставови за прашањата врзани за правото на абортус и правото тие, а не државата (како што бара Трамп!) да решаваат што ќе прават со сопственото тело.

Што се однесува до анкетите и предизборните испитувања на јавното мислење во САД, најголемиот дел од нив се, како никогаш до сега, со лошо ниво на квалитет, со проблематични методолошки моделирања и погрешни примероци на испитаници, манипулативни, со политички заднини зад интерпретацијата на податоците и тн. Тие се дел, би се рекло, од невиденото ниво на корупција што во моментов владее во американското предизборие во кое, како никогаш до сега, се потрошија (и се украдоа) милијарди долари за бескрупулозни манипулации, заплашувања и закани наменети за гласачкото тело. Во таа опасна кампања недвосмислено водат републиканците, на чело со Трамп, кој по овие избори или ќе заврши во Белата Куќа, или на долгогодишна робија (во неговиот случај, со оглед на возраста, доживотна) за бројни кривични дела за кои е осомничен или веќе осуден.

Трамп и неговите луѓе од кампањата не го потпишаа писмото што до двајцата кандидати им го испрати конгресменот Раскин дека кога ќе завршат изборите ќе треба да ги признаат резултатите какви и да се. Што навестува тоа?

Трамп и неговите поддржувачи секако нема да ги признаат изборните резултати доколку тие покажат победа на Харис. Всушност, Трамп ќе прогласи победа и пред да заврши пребројувањето на гласовите (а во некои од клучните држави тоа броење и пребројување на гласовите може да трае со денови). Од таму натака, сите сценарија што можат да ви паднат на памет се можни, бидејќи општата политичка и социјална напнатост е огромна. Од таква перспектива, тукушто завршените избори во Молдавија може да се покажат како исклучително фер и цивилизирани.

Светот, особено Европа, како никогаш досега со внимание и со драматична тензичност ги очекува резултатите од изборите во САД. Можно ли е да се очекува дека САД сериозно ќе ја промени надворешната политика и кои се точките на такви промени?

Клатното на интернационализам и изолационализам во американската надворешна политика е познат феномен во последните 200 години на американската надворешна политика. Да ја оставиме таа комплексна анализа за периодот по прогласувањето на резултатите и изборот на новиот американски претседател во неделите што претстојат.

Како ќе се одрази победата или поразот на Трамп на Коридорот 10, Орбан, Вучиќ, Мицкоски…?

И оваа анализа ќе биде подобро да се прави по завршувањето на изборите во САД. Но, кога во иста реченица ќе ги ставите Орбан, Вучиќ и Мицкоски, нема ништо многу добро за што може да се надева демократијата, правната држава, здравиот разум и напредокот на Република Северна Македонија. Бидејќи, кога ќе падне мрак, сите крави (а и телиња) се црни.

Зачлени се на нашиот е-билтен