Летната сезона веќе почна да се чувствува на граничниот премин „Богородица“ – „Евзони“, каде утринава за влез во Грција се чекало околу еден час.
Според информации од патници кои ја преминале границата во раните утрински часови, задржувањето се движело меѓу 40 и 65 минути. Зголемениот број возила кон Грција доаѓа во период кога почнуваат летните патувања, продолжените викенди и првите поголеми туристички движења кон грчкото приморје.
Дел од патниците поминувале и низ EES системот за контрола на патници, но не сите со иста постапка. Според сведочењата, фотографирањето главно се правело за оние кои сè уште не се внесени во системот, додека останатите минувале побрзо, најчесто со проверка преку отпечаток.
Иако утринските официјални информации на АМСМ не регистрираа подолги задржувања од македонска страна на граничните премини, состојбата на „Богородица“ брзо се менува во текот на денот, особено во периоди кога се преклопуваат туристички патувања, викенд сообраќај и дополнителни контроли на грчка страна.
„Богородица“ – „Евзони“ традиционално е најфреквентниот премин за македонските граѓани кои патуваат кон Грција. Со почетокот на сезоната, токму овој премин прв ги покажува летните гужви, особено во утринските часови и пред викенд.
Патниците кои планираат патување кон Грција во следните денови треба да тргнат порано, да ја следат состојбата на граничните премини и да имаат подготвени патни документи. Во екот на сезоната, задржувањата на „Богородица“ може да се зголемат и без претходна најава, во зависност од бројот на возила и темпото на обработка на патниците на грчката граница
