Податочните центри во Ирска потрошиле повеќе струја од сите домаќинства во државата заедно, пренесува Гардијан.
Според Државниот завод за статистика на Ирска, податочните центри искористиле 21 отсто од електричната енергија произведена во државата. Во споредба, сите урбани домаќинства вкупно потрошиле 18 отсто од струјата во државата.
Ова е првата година податочните центрите во Ирска да искористат повеќе струја од домаќинствата – претходната година потрошиле 18 отсто од струјата.
Ирска сè повеќе се позиционира како атрактивно место за технолошките компании, со тоа што нуди ниски корпоративни даноци.
Но, климатските научници предупредуваат дека зголемената побарувачка за струја за системите кои користат вештачка интелигенција претставува закана за животната средина.
Според државниот Национален план за енергија и клима, се очекува во текот на следните три години, податочните центри да користат околу 31 отсто од електричната енергија произведена во државата.
„Да имавме многу хидроелектрани, ветерници и соларни панели, немаше да биде проблем. Но, Ирска сè уште многу зависи од фосилните горива. Треба брзо да се вложи во обновливи извори на енергија. Добри сме во брзо градење на податочни центри, но не сме толку добри во градење инфраструктура за обновливи извори на енергија“, вели Пол Дин, професор во Универзитетот Колеџ Корк.
Повеќе од половина од струјата во Ирска изминатата година била произведена со согорување на фосилни горива, од која 45 отсто била произведена во гасни електрани, а остатокот била произведена при согорување на јаглен, тресет или нафта. Ветерната енергија сочинувала 34,6 отсто од електричната енергија во Ирска, додека сончевата енергија претставувала само 1,2 отсто од струјата произведена во Ирска.