Правната комисија на грузискиот Парламент денеска го отфрли ветото на грузиската претседателка Саломе Зурабишвили од 18 мај на контроверзниот Закон за странско влијание, што предизвика неколкунеделни протести, јавија американските медиуми.
По овој потег на правната комисија во парламентот, утре ќе следи гласање со учество на сите пратеници, за укинување на ветото на Зурабишвили.
Според Зурабишвили и другите противници на нормативниот акт, наречен и Закон за странски агенти, тој ќе ја ограничи слободата на медиумите и ќе го попречи пристапот на земјата во Европската унија.
Предлог-законот беше одобрен од пратениците од владејачката партија Грузиски сон и нивните сојузници во парламентот. Мнозинството ќе биде присутно на утрешното гласање за поништување на ветото на Зурабишвили, посочуваат американските медиуми.
Во главниот град Тбилиси периодично беснеат протести, а претседателката Зурабишвили и премиерот Иракли Кобахиџе меѓусебно се критикуваа во нивните вчерашни говори, за време на прославата на Денот на независноста на Грузија, забележуваат американските медиуми.
-Додека сенката на Русија повторно се спушта врз нас, партнерството и зближувањето со Европа е вистинскиот пат кон зачувување и зајакнување на независноста и мирот, рече Зурабишвили.
„Единството и разумните постапки на народот и владата избрана од нив ни дадоа можност да го одржиме мирот во земјата во изминатите две години и покрај заканите за нашето постоење и постојаното предавство“, посочи Кобахиџе од друга страна.