Промовирана монографијата за легендата на македонската одбојка Владимир Богоевски

Богоевски

Денес, во домот каде што се роди македонскиот олимпизам — хотелот Холидеј Ин — се одржа свечената промоција на авторизираната биографија на Владимир Богоевски, еден од најголемите спортски великани, олимписки симбол, човек со непресушна енергија, борбен дух и натприродна спортска дарба што остави неизбришлива трага во македонскиот и светскиот спорт.

Автобиографијата е дело на легендарниот спортски новинар, хроничар на македонскиот спорт и еден и единствен Златко Калински — човекот чиј глас и зборови со децении ги бележат најголемите спортски моменти на Македонија.

Ова извонредно дело го отсликува животниот пат на Богоевски — од неговите први спортски чекори, преку безбројните предизвици, откажувања и победи, па сè до врвовите кои ги достигна со својата упорност, дисциплина и непоколеблива верба во успехот. Книгата не зборува само за медали и резултати, туку за човек кој со срце, чест и достоинство ја претставуваше Македонија пред светот.

На промоцијата присуствуваа авторот Златко Калински, претседателот на МОК Даниел Димевски, првиот тренер на Богоевски — Таки Џиков, како и Васил Тупурковски — поранешен претседател на Македонскиот олимписки комитет, истакнат дипломат и универзитетски професор. Присутна беше и првата дама на Македонија, претседателката Гордана Силјановска Давкова, негова пријателка уште од средношколските денови. Покрај нив, салата беше исполнета со неговото семејство, пријатели, спортски работници, поддржувачи и генерации луѓе кои со години ја следеа и восхитено ја почитуваа неговата кариера.

Настанот беше повеќе од промоција — беше настан исполнет со емоции, спомени и искрени аплаузи. Во атмосфера каде гордоста и благодарноста се преплетуваа со тивки солзи радосници, присутните сведочеа за животна приказна што инспирира, мотивира и потсетува дека вистинските шампиони не се мерат само по победите, туку по трагата што ја оставаат зад себе.

Во страниците на оваа автобиографија, Владимир Богоевски е претставен како момче со ретка, речиси натприродна спортска дарба, но и како човек кој со огромна работа, пожртвуваност и карактер успеал својот талент да го претвори во легенда.

Ова не е само книга. Ова е сведоштво за еден живот посветен на спортот, Македонија и олимписките вредности, беше речено на промоцијата.

Најчитано