Руската војска назадува во Украина, загинати се речиси 500.000

Руската војска првпат од крајот на 2022 година назадува на бојното поле во Украина, според проценка што ја изнесе шефицата на британската разузнавачка служба GCHQ, Ен Кист-Батлер, во своето прво јавно обраќање откако ја презеде функцијата.

Според новите разузнавачки проценки што ги пренесе „Катимерини“, речиси половина милион руски војници загинале од почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година до денес. Оваа бројка е значително повисока од претходните пресметки на руските независни медиуми „Медуза“ и „Медиазона“, кои наведуваа околу 352.000 загинати.

Кист-Батлер изјавила дека руските сили се во повлекување во Украина првпат од крајот на 2022 година. Таквата оценка доаѓа во момент кога Москва продолжува да се обидува да ја освои областа Донбас, по барање на Владимир Путин, но цената на таа офанзива станува сè потешка за одржување.

Западни извори проценуваат дека руските загуби, вклучително загинати и тешко ранети, во април достигнале околу 30.000 за еден месец. Според економистот Јанис Клуге, кого го цитира „Гардијан“, Русија регрутира приближно од 800 до 1.000 луѓе дневно, односно од 25.000 до 31.000 месечно.

Целта на Украина, според оценките во текстот, е да го зголеми притисокот врз руските сили до точка во која Москва ќе не може целосно да ги надоместува загубите со нови регрути. Војната така влегува во фаза во која бројките за жртви стануваат не само воена, туку и политичка слабост за Кремљ.

Кист-Батлер предупредила и дека Русија продолжува да претставува закана за Велика Британија и Европа, особено преку активности насочени кон критична инфраструктура, подводни кабли, енергетски мрежи и демократски системи.

Најчитано