На Европското првенство во шах сите кадетски категории се одржа во Прага од 20 август до 1 септемрви, седумгодишната шахистка Софија Беловска од Северна Македонија освои пет од вкупно девет поени и го зазеде 21. место од 55 учеснички.
Со тоа таа постигна најдобар резултат за македонската репрезентација во нејзината категорија. Победи во четири партии против претставнички на Шпанија, Естонија, Кипар и Чешка, ремизираше со Азербејџан и Чешка и изгуби од Романија, Холандија и Данска.
Во сторијата за Софија на порталот Смарт СДК таа говори за ова нејзино скапоцено искуство.
„Пред да одиме во Прага, мојот наставник по шах Орце Данчевски и мајка ми и татко ми кажаа дека ова ќе биде најтешкиот турнир досега, бидејќи тоа се најдобрите мои врсници од цела Европа. Но, откако заврши првенството, тренерите кажаа дека сум го постигнала најголемиот успех за мојата држава, бидејќи во категоријата до осум години сум добила најмногу поени досега. Имав четири победи, два ремија и три порази, тоа се пет поени од вкупно 9. Завршив на 21. место од 55 деца. Ова ми е поважно и од медал, затоа што во клубот учиме да играме квалитетно. Сега видов како е и ќе се подготвам за наредниот пат“, вели Софија за Смарт СДК.
Беловска вели дека најмногу работи со наставниците Орце Данчевски и Марјан Митков, а почнала да игра шах на шест години.
Во Прага настапила за прв пат на едноевропско првенство, а претходно учествувала на два меѓународни турнири во Бугарија и Грција.
*Фотографиите се од приватната архива на семејството Беловски