Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, обвини дека Владата на Христијан Мицкоски нема план, стратегија и конкретни чекори за продолжување на европската интеграција на земјата.
Во гостување во емисијата „24 Анализа“, Спасовски рече дека граѓаните очекуваат одговор од Владата што понатаму со процесот на членство во Европската Унија.
„Факт е дека ние мораме да добиеме одговор од премиерот што понатаму со процесот. Се плашам да не биде само замајување на јавноста дека водиме некаков разговор и дека нешто ќе направиме“, изјави Спасовски.
Тој оцени дека Владата не го користи актуелниот геополитички момент за да направи исчекор во евроинтегративниот процес.
„Две години откако Мицкоски ја извршува позицијата претседател на Влада, освен тоа дека тој нема намера да направи еден чекор, немаме никаква друга информација“, рече Спасовски.
Според него, СДСМ ја повикала Владата да ја преземе одговорноста за евроинтеграциите, вклучително и преку можност за референдумско изјаснување.
„Еве нека биде и на референдум, да видиме дали сè уште граѓаните стојат зад оваа цел. Суштински, не се преземаат чекори кон остварување на оваа цел“, истакна Спасовски.
Тој додаде дека има право да се сомнева во искреноста на власта кога декларативно зборува за членство во ЕУ.
Спасовски се осврна и на реформите, обвинувајќи дека по две години власт нема суштински промени во системот.
„Која политика е променета од минатото? Што е тоа што се направи како сериозна реформа во која ќе речеме дека го менуваме системот?“, рече Спасовски.
Како пример ја посочи трагедијата во Кочани, тврдејќи дека и по неа не биле преземени доволни чекори за системски промени.
