Сериозен проблем е употребата и продажбата на наркотични средства од ученици во тетовските училишта, пишува Порталб.мк. Како што се наведува, вознемирувачка е статистиката од надлежните институции, а експертите ги анализираат причините кои го промовираат ваквото девијантно однесување на младите и нудат препораки за превенција.
Општинскиот совет за спречување на малолетничката деликвенција во Тетово спровел анкета, а директорите на училиштата и стручниот кадар, како еден од проблемите ја посочија употребата и продажбата на наркотици од страна на учениците. За ова прашање е информирана и општина Тетово, а градоначалникот на општината Билал Касами неодамна изјави дека се разгледува можноста за поставување на детектори за чад во училишните тоалети.
Полицијата во акција, податоците алармантни
Минатата (2023) година од слобода биле лишени 29 малолетни лица, а при извршената контрола над нив биле пронајдени предмети кои извираат од кривичното дело „неовластена трговија со дрога“. А од почетокот, пак, на 2024 година до 30 септември 6 малолетни лица се лишени од слобода, при што при контрола е пронајден алат кој извира од делата од областа на неовластената трговија со наркотични средства. Кај малолетните лица при увидот се пронајдени најлонски вреќи со зелена растителна материја и рачно изработени цигари (џоинт), кои се одземени и испратени на вештачење.
„Во текот на 2023 година, СВР Тетово до надлежниот суд поднесе вкупно 21 барање за поведување прекршочна постапка против 21 сторител – малолетник за сторените дела „дозволување на употреба на наркотици“ предвидени и казниви според член 20 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир Тетово поднесени се и 2 кривични пријави против 4 сторители за сторени 2 кривични дела „неовластено производство и промет со наркотици, психотропни супстанции и прекурсори“, предвидени и казниви според член 215 од Кривичниот законик“, информираат од полицијата во Тетово.
Исто така, Секторот за внатрешни работи Тетово во текот на деветте месеци од 2024 година до надлежниот суд Тетово поднесе вкупно 9 барања за поведување кривична постапка против 9 лица – малолетни, за сторени дела „уживање при употреба на наркотици“ предвидени и казниви по член 20 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир и 1 кривична пријава во ОЈО Тетово против 1 сторител за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ предвидено и казниво според член 215 од Кривичниот законик.
Во Основниот суд Тетово во врска со кривичното дело „Одавање на уживање на наркотични дроги, психотропни супстанции и набавувачи“, во 2023 година е донесена една одлука и имало три предмети кои не се завршени, додека пак во 2024 година донесена е една одлука и има и осум предмети кои не се завршени.
„По основа на „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции“ во 2023 година донесени се две одлуки, а во 2024 година четири предмети кои не се завршени“, информираа од Судот Тетово за Порталб.мк.
Од друга страна, од Основното јавно обвинителство велат дека за овој предмет не прибираат докази за малолетници.
„Употребата на наркотиците ја поттикнуваат и филмовите и музиката“
Социологот Ардита Абдули Река нагласува дека консумирањето наркотици се врши поради повеќе причини. Како што вели таа, социолошкиот пристап има тенденција да ја објасни употребата на наркотичните супстанции како одење по стапките и моделите на консумација во одредени средини како и последиците што произлегуваат од оваа појава.
„Во овој фокус, злоупотребата на наркотични супстанци опфаќа и бројни проблеми, како што се: меѓучовечките односи со окружувањето, малтретирањето од врсниците, конфликтните ситуации во семејството, недостатокот на економската благосостојба“, рече Абдули Река.
Таа нагласува дека факторите кои се сметаат за поттикнувачи на злоупотребата на наркотичните средства се и филмовите и музичките шоуа, каде што многу млади луѓе се обидуваат да се поистоветуваат со актерите и музичките ѕвезди во реален живот, уништувајќи го нивниот личен живот со тутун, алкохол, музика па и со употреба на супстанции, мислејќи дека така ќе се чувствуваат како возрасни и прифатени од општествениот круг на нивните врсници.
„Употребата на наркотичните средства денес се претвори во голем проблем, посебно за семејствата и училиштата кои сносат најголема одговорност за постојан надзор на младите луѓе кои лесно можат да станат мета на злоупотреба од наркодилерите кои слободно се движат по дворовите на училиштето и местата што ги посетуваат младите. Затоа грижата на родителите и зголемувањето на безбедноста во училиштата се најадекватна превенција која може да ја спречи оваа појава, во спротивно проблемот може да стане уште поголем“, потенцира Абдули Река.
Потребни се методи и стратегии за да се соочиме со реалноста
Психологот Едлира Дестани за Порталб.мк вели дека тинејџерите често, а во некои случаи и континуирано се соочуваат со тешки и болни емоционални проблеми, чие решение го гледаат во употребата на дроги.
„Може да почне како привремена употреба, но бидејќи патиштата на комуникација помеѓу различните зони на мозокот сè уште се развиваат, можноста за зависност е побрза и многу поголема отколку кај една постара личност“, вели Дестани, која додава дека како општество на возрасни, на тинејџерите им нудиме стресно и депресивно секојдневие, ова е сликата што ни ја пренесуваат.
„Тие не се чувствуваат среќни, имаат помала самодоверба, не се ценат доволно себеси, па за да ја променат оваа ситуација, тие се подготвени да пробаат да најдат решение во дрогата. Семејството, училиштето, општеството се стремат да направат позитивна промена на состојбата, но не гледаме некои суштествени промени“, вели Дестани.
Психологот нагласува дека само советите за неупотреба на дрогата, дека е штетно за нивното физичко и психичко здравје, штетно за нивниот семеен, социјален и академски живот, не се доволни.
„За да се откажат од овие супстанции мора да се подготват методи и стратегии кои ќе им помогнат да се справат со нивната нова реалност, која ќе биде без супстанции, но заменета со нешто што ќе биде корисно, конструктивно и прогресивно за нивниот живот“, заклучува таа.
Во последно време во јавноста почна да кружи една лажна информација дека низ училиштата во Тетово кружи една дрога во вид на гума за џвакање, оваа порака првично се споделила во Албанија, но на крај се покажа дека е витамин Е.
Преземено од Мета.мк