Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тошковски ниту збор за скандалите, а за јавната безбедност со повеќе убиства и опожарени возила, рече дека била задоволителна

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес конференција од серијата посветена на 100 дена од работењето на владините ресори со само 5 реченици се осврна на јавната безбедност состојба од аспект на криминалот за којашто рече дека е задоволително ниво.

„Граѓаните на државата, а посебно на Скопје се сведоци на унапредување на безбедносната состојба во изминатиот период. Имавме голем број на спроведени акции во овие 100 дена, со голема успешност, констатирани прекршоци. Имавме и голем број приведени лица, лица барани со потерници, лица избегани од затвори или сториле одредено кривично дело. Сето тоа беше верификувано со голем број кривични и соодветни пријави“, нагласи министерот Тошковски.

За во иднина останува да се види, но за она досега на планот на јавната безбедноста фактите говорат за работата на актуелниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски откако ја презеде позицијата на 29 јануари, прво како дел од техничката влада, а потоа и по преземањето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ и како редовен министер.

Иако тој е на позицијата помалку од девет месеци, неговиот мандат досега е одбележан од низа скандали, но и загрозување на јавната безбедност.

Зачестија објавите во медиумите за убиства, обиди за убиства и престрелки низ државата, а дел од овие случаи остануваат неразрешени.

Македонските граѓани беа вознемирени од убиството на лекарот Ацо Трповски, кој беше убиен покрај неговиот автомобил и за кој првично МВР уапси осомничени лица, но ги ослободи.

Во престрелка на Пластичарската улица потоа беше убиен и пејачот Амар Исмани, за чие убиство се уште се трага по сторителите.

Убиен беше и бизнисменот Чедо Радомировиќ. За ова убиство од МВР велат дека испратиле писмено известување до ОЈО Скопје за разрешување.

Веднаш беа уапсени сторителите на убиството што се случи кај Мавровка во август, кога единиците за брза интервенција ги уапсија убијците, а разрешница и кривична пријава има и за убиството во гостиварско Дебреше, кога беше убиен 35 годишен маж.

Запрашани за коментар за напредокот на истрагите во посочените случаи, од МВР одговорија дека согласно Законот за кривична постапка сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна, поради што не можат да споделат повеќе информации.

„Рацин.мк“ ги контактираше МВР и за точната статистика за случени убиства во текот на изминатиот период заведени кај нов, но до објавувањето на текстот сѐ уште немаме одговор од Министерството.

Откако Тошковски седна во МВР опожарени беа и над 35 возила низ државата, најмногу во Скопје.

Од извештаите во медиумите може да се забележи дека дел од опожарените возила низ државата дел се на сегашни и поранешни функционери, луѓе од полицијата и судството.

Беше опожарено возилото на јавната обвинителка од Прилеп, Марјана Илиеска откако на приватен паркинг  сторителите влегле во гаражата, го полеале возилото со запаливо средство и го запалиле.

Запален беше и автомобилот на судијата и член на Судскиот совет Мирсад Сурјои од Куманово.

Откако на крајот на август изгореа две возила на паркинг кај „Три бисери“ во Аеродром, граѓаните пред камерите на телевизиите реагираа дека не се чувствуваат безбедно и дека е лоша глетка.

Во периодот додека е Тошковски министер исто така имаше и повеќе случаи на пукања и престрелки, како и обиди за убиства низ целата држава и станаа редовни содржини во медиумите.

Тошковски со ниту еден збор не ги спомна скандалот на граничниот премин Блаце и за неговата лична интервенција до Комисијата за дисципинска постапка во МВР од која побарал бодигардот на Мицкоски, што тепаше колега полицаец на должност, да биде ослободен од одговорност.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново