Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека договорот меѓу САД и Иран би можел да биде потпишан во наредните денови, додека Техеран соопшти дека за можниот договор сè уште не е донесена конечна одлука.
Трамп изјави дека е постигнат значаен напредок во разговорите и дека договорот би можел да биде потпишан „многу наскоро“, можеби уште викендов во Европа. Според него, на потпишувањето би присуствувал и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Иранската страна, пак, не ја потврди американската најава. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека голем дел од текстот е усогласен, но дека релевантните институции во Техеран сè уште го разгледуваат прашањето.
Багеи нагласи дека Иран нема да отстапи од своите „црвени линии“, а шпекулациите за време и место на евентуално потпишување ги оцени како прерани.
Договорот, доколку биде потврден, би можел да отвори пат за намалување на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, по период на воени закани, прекинати примирја и напади во регионот.
Едно од клучните прашања во разговорите останува иранската нуклеарна програма. Трамп повтори дека секој договор мора да гарантира дека Иран нема да развива или поседува нуклеарно оружје. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма има цивилна намена.
Во фокусот на преговорите е и Ормуската Теснина, клучна поморска рута за глобалниот транспорт на нафта. Според американската страна, нејзиното целосно отворање би било дел од договорот, додека Иран бара укинување на санкциите и ослободување на замрзнатите средства.
Најавите за можен договор веднаш се одразија на пазарите, каде што цените на нафтата се намалија, а азиските берзи реагираа со раст поради надежите за дипломатски пробив.
