Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

[ВИДЕО] Министерот Спасовски зборува на македонски јазик во Брисел, комплименти од еврокомесарката Јохансон

Министерот Оливер Спасовски денеска на македонски јазик зборуваше на Меѓународната конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарење мигранти, во Европската комисија во Брисел.

– Во рамки на Министерството за внатрешни работи успешно функционира Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, која заедно со Одделот за гранични работи и миграции ги следи состојбите и делува проактивно во откривање на случаи на криумчарење на мигранти кои имаат елементи на организиран криминал, како и откривање на индивидуални случаи на криумчарење мигранти. Националната единица има воспоставено одлична соработка со останатите организациски единици во Министерството за внатрешни работи и во своите активности е поддржана од нив, но и од другите институции кои имаат клучна улога во оваа проблематика, како што е Јавното обвинителство, истакна Спасовски, потенцирајќи дека борбата против криумчарењето мигранти и понатаму останува врвен приоритет за МВР и Република Северна Македонија.

Наша цел е, вели Спасовски, да продолжиме со јакнењето на капацитетите на Националната единица и на Граничната полиција, особено во делот на подобрување на мобилноста, обуката на персоналот и модернизација на опремата.

-Од неодамна добивме и дополнителна поддршка преку спроведувањето на регионалниот ИПА проект „Поддршка за спречување и борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан“, насочен кон подобрување на условите за превенција и борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе, рече министерот Спасовски.

Притоа, тој посочи дека од големо значење е и прекуграничната соработка, бидејќи споделувањето на сознанија, оперативни информации и теренски активности е повеќе од потребно.

-Продолжуваме да партиципираме во Работната група за Западен Балкан, да ја продлабочуваме соработката со нашите партнери од регионот и Европа, преку меѓународните агенции за спроведување на законот, како што се Европол и Селек – на полициско и оперативно ниво, и Eвро-џаст – на ниво на обвинители, рече Спасовски.

Со цел засилен надзор на јужната граница, министерот вели веќе седум месеци спроведуваме заедничка операција со европската Агенција за гранична и крајбрежна стража, а на располагање се и сите нивни ресурси од технички аспект. Оваа помош е повеќе од добредојдена, продолжува Спасовски, а резултатите на терен покажуваат тренд на намалување на обидите за илегални преминувања за 50% во однос на минатата година.

На крајот од своето обраќање Спасовски поентираше дека неопходен е поширок заеднички пристап, не само на регионално ниво, туку заедно со Европската Унија со здружени сили да се бараат прилагодливи модуси за успешно сузбивање на криумчарењето.  Притоа, тој истакна дека тоа веќе се реализира, за што упати благодарност за сета поддршка и помош која ја добива нашата држава од партнерите од ЕУ.

На конференцијата еврокомесарката Илва Јохансон не штедеше комплименти за македонската полиција и изрази благодарност за споделените искуства и зајакнувањето на капацитетите на македонската полиција.

– Драго ми е да слушнам дека соработката со ФРОНТЕКС е многу добра, и благодарам за споделување на вашите искуства со Националната единица и како ги зајакнувате вашите капацитети. Инспиративно е тоа што го правите, рече Еврокомесарката Јохансон.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново