Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Владата нема да купува автобуси, ЈСП и Арсовска сами да си најделе решение за градскиот превоз

Владата може, но нема да купи автобуси за да се реши проблемот со градскиот сообраќај во Скопје, затоа што и на другите градови низ Македонија им е потрбен градски превоз и автобуси.

– Како влада размислуваме за сите општини во државата да направиме пакет, за да може сите општини што имаат потреба од организиран јавен превоз тоа генерално да го решиме, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес конференција, прашан за проблемите со автобускиот превоз во Град Скопје.

Според Мицкоски, ако на Скопје му требаат 250 автобуси, сигурно на другите градови во Македонија им требаат уште 250 автобуси.

-Ние како влада можеме работите да ги решавме системски, а не парцијално. Затоа има јавен повик, за решавање на проблемите. За 75 дена од денот на формирањето на владата, ние за помалку од една година обезбедуваме 21 милијарда денари за општините, во кои се општините во Скопје и Град Скопје. Ги повикуваме сите да аплицираат, да понудат проекти и на тој начин да ги подобриме условите во општините. Набавката на нови авторбуси (во Скопје) можеби и не претставува проблем, но во Македонија има и други градови кои што имаат потреба од автобуси и не е само градот Скопје. Ние очекувавме од госпоѓата Арсовска да слушнеме план, очекувавме на координација на советничките групи да слушнеме план, рековме дека безусловно ќе ги поддржиме програмите, и ги поддржавме. Денеска да почнеме процес за набавка на автобуси само за Скопје, претпоставувам дека успешно ќе биде завршен и автобусите ќе бидат испорачани за следната учебна година – рече премиерот.

Мицкоски посочи дека се на располагање да слушнат и да го поддржат тој план, и ако е планот гласање за кредит за да се набават автобуси што ќе стигнат догодина, како што рече, тоа не е решение за проблемот што го имаат скопјани.

– Проблемот се решава со мобилизација на компанијата Јавно сообраќајно претпријатие, со вистинско и наменско трошење на средствата кои скопјани преку субвенција ги даваат на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје, и на тој начин проблемот се решава инстант и брзо, но тоа не може да го стори владата, истакна меѓу другото премиерот Мицкоски.

Проблемот со градскиот превоз во Скопје се провлекува одамна, а со доаѓањето во градоначалничката фотелја на Данела Арсовска, се откажаа од изградба и воведување на БРТ системот кој го протежираше претходниот градоначални Петре Шилегов. За него има обезбедено и пари, но советниците од ВМРО-ДПМНЕ не го гласаат. Тие, на последната седница на Советот не гласаа ни набавка на нови автобуси, кои и онака би стигнале по околу две години.

Превозот во Скопје се усложнува и со проблемите кои настанаа со приватните превозници, на кои не им се префрлаа пари, па ти често се исклучуваа од сообраќај, како знак на протест.

На тој начин, градскиот превоз во Скопје е голгота за скопјани. Не можат да стигнат на време на работа, во училиште, на лекар…

Автобуските постојки се полни народ, каде на автобус се чека и по еден час, а кога ќе дојде, автобусот е преполн, па возењето е измачување.

Новиот директор на ЈСП Скопје, Драги Кушовски, пред извесно време од говорницата во Советот на Град Скопје потврди дека Јавното претпријатие е во лоѓа состојба.

– Реалната состојба е таква каква што е, нема што да криеме. Возниот парк, по набавката на кинеските автобуси „јутонг“ броел околу 350 автобуси и возните редови, и летен и зимски, биле адаптирани на таа бројка автобуси. Во моментов во сообраќај се од 190 до 200 возила и со нив не можеме да го опслужиме ни летниот возен ред којшто знаеме дека е скратен возен ред. Од септември кога треба да стартува зимскиот возен ред ситуацијата ќе биде уште потешка. Од денешен аспект и ниеден автобус да не ни се расипе ќе имаме недостаток од 100 автобуси. Во моментов имаме недостиг од 40-50 автобуси – рече Кушовски.

Тој објасни дека и сервисите на автобусите се одвиваат во отежнати услови поради недостиг на делови. За едниот тип автобуси деловите доаѓаат од Кина, но претпријатието има долгови спрема добавувачите кои носеле делови за сервисирање во изминатиот период, кои сега ја откажуваат соработката, затоа што ЈСП не е во можност да ги сервисира тие долгови. Притоа, според Кушовски, зголемени се и расходите на претпријатието затоа што поскапуваат деловите.

Во моментов просечната старост на возилата е 12,5 години, понови се само 33-те автобуси „Ман“, додека „Јутонг“ автобусите досега имаат поминато километража од над милион километри по возило.

Во однос на реакцијата на граѓаните дека автобусите се неклиматизирани, Кушовски објасни дека денеска не работеле клима уредите во 27 автобуси, но дека бил информиран дека до утре уште во пет автобуси ќе биде сервисирана климата, додека во дел од нив проблемот не може да биде надминат затоа што недостигаат делови.

Најново