Во Македонија спасени два животи

Донирањето органи повторно спаси човечки животи во Македонија, откако срце и бубрег од починат донор беа трансплантирани кај двајца пациенти на кои итно им била потребна интервенција.

Екипата која ја подготвуваше трансплантацијата, која е на фотографијата, даде почит кон починатиот донор, кој спаси нови животи.

Во градите на 52-годишен пациент, кој од 2021 година чекал на националната листа за трансплантација, сега чука ново срце. Истовремено, 23-годишен пациент доби бубрег, со што му е дадена шанса за поквалитетен живот.

Од Министерството за здравство изразија благодарност до семејството на починатиот донор, кое во најтешките моменти донело одлука за донирање органи. Со таа одлука, како што посочуваат од здравствените власти, животот на еден човек продолжува преку шансата што ја добиваат други пациенти.

Покрај срцето и бубрегот, донирани се и коскени ткива, кои ќе можат да се искористат во идни медицински интервенции. За ваквите трансплантации не е неопходно операциите да се извршат во ист краток временски рок како кај виталните органи.

Првата трансплантација на срце во Македонија беше извршена во 2020 година. Оттогаш, во земјата се реализирани повеќе интервенции од ваков тип, но потребата од органи останува голема. Околу 200 пациенти се на листа за трансплантација, најголем дел за бубрег, а околу триесетина чекаат срце.

Во 2025 година семејствата на тројца починати донори дале согласност за донирање органи, додека во 2023 и 2024 година имало по двајца кадаверични донори. Овие бројки покажуваат дека органодарителството во Македонија се развива, но и дека системот сè уште зависи од ретки, исклучително тешки и хумани одлуки на семејствата.

Министерството за здравство периодов води национална кампања за органодарителство, со цел да се зголеми јавната свест за значењето на донирањето органи. Случајот со новото срце и трансплантираниот бубрег повторно ја отвори темата за тоа колку една одлука, донесена во момент на лична загуба, може да значи нов почеток за други пациенти.

Најчитано