Загадениот воздух може да го забрза ширењето на ракот на мочниот меур

воздух
Photo by Ravi Sharma: https://www.pexels.com/photo/man-in-black-respirator-and-black-cap-standing-in-profile-7558138/

Ситните честички ПМ2,5 од загадениот воздух можат да ги направат клетките на ракот на мочниот меур поподвижни и поспособни да навлегуваат во околното ткиво, покажува ново истражување на научници од Тајван. Наодите посочуваат дека последиците од аерозагадувањето не се ограничени само на белите дробови и кардиоваскуларниот систем.

Истражувачите анализирале две човечки клеточни линии на рак на мочниот меур, кои во лабораториски услови биле изложени на честички ПМ2,5. По изложувањето, клетките покажале поголема способност за движење и навлегување во соседното ткиво, што се смета за важен предуслов за ширење на малигните клетки.

ПМ2,5 се честички со дијаметар од 2,5 микрометри или помал, кои најчесто се создаваат при согорување горива и други индустриски и сообраќајни процеси. По вдишувањето, дел од супстанциите што ги носат честичките можат да влезат во крвотокот, а нивните метаболити да стигнат до уринарниот систем и да ја изложат слузницата на мочниот меур на штетни соединенија.

Научниците утврдиле дека ПМ2,5 активираат две меѓусебно поврзани молекуларни патеки, познати како MAPK/ERK и Wnt/β-катенин. Нивното активирање предизвикува промени што им овозможуваат на канцерогените клетки полесно да се одвојуваат, да се движат и да навлегуваат во околните ткива. Кога истражувачите ги блокирале овие сигнали со експериментални инхибитори, миграцијата и инвазивноста на клетките биле значително намалени.

Авторите сметаат дека откриените механизми може да послужат како основа за идни таргетирани терапии кај пациенти изложени на високо ниво на аерозагадување. Сепак, истражувањето е спроведено претежно врз клеточни култури и не докажува дека загадениот воздух директно предизвикува метастази кај пациентите. За потврдување на резултатите се потребни дополнителни истражувања врз животински модели и поголеми клинички студии.

Загадувањето на воздухот е класифицирано како канцерогено за луѓето, додека пушењето и професионалната изложеност на ароматични амини и полициклични ароматични јаглеводороди остануваат меѓу главните познати ризик-фактори за рак на мочниот меур. Досегашните епидемиолошки истражувања покажуваат можна поврзаност меѓу долготрајната изложеност на ПМ2,5 и почестата појава или повисоката смртност од ова заболување, но резултатите сè уште не се целосно усогласени.

Најчитано