Денеска завршува мерката „есенската кошничка“ со која цените требаше да се намалат на над 70 производи за кои се ограничија маржите. Сепак граѓаните не почувствувуваа големи попусти бидејќи претходно трговците неконтролирано ги зголемуваа цените, а од утре и тоа минимално поевтинување ќе го снема така што граѓаните ќе плаќаат поскапа храна.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека коморите во соработка со трговците и производителите ќе избегнат покачувања на цените, ама вети дека Владата ќе го брани стандардот на граѓаните со сите располжливи мерки.
Граѓаните пак се разочарани, велат дека се живее тешко и дека воопшто не почувствувале поевтинување на производите.
-Храната е секој ден се поскапа, едноставно не знам како ќе се преживее. Не помагаат ниту кошнички ниту мерки кога платите се ниски, вели скопјанката Билјана А.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, изјави дека Законот за нефер трговски практики е во сила, со кој се ограничуваат рабатите и дополнителните трошоци за повеќе од 2.500 прехранбени производи. Очекувањата се дека ова ќе доведе до понатамошно намалување на цените на храната до крајот на месецот.
Владата најави дека во иднина „есенската кошничка“ ќе биде адаптирана како „божиќна кошничка“, „рамазанска кошничка,“ и „велигденска кошничка,“ кои ќе бидат активни пред и за време на празниците, кога цените на основните прехранбени производи обично се зголемуваат, со цел заштита на стандардот на граѓаните.