Со својот извонреден глас и талент, Нела Манчевска, тринаесетгодишна девојка од Скопје, брзо го освојува вниманието на јавноста и музичките кругови низ Балканот. Таа веќе е препознатлива по своите настапи на најмалку 20 натпревари на кои речиси секогаш освојува први места, а нејзината амбиција ја води кон јуниорскиот Евросонг.
Соња ТАНЕСКА
„Мојот најголем сон е да учествувам на јуниорскиот Евросонг. Сега сум во фаза на избирање песна за аудицијата“, вели Нела. Музиката за неа е начин на живот. „Музиката е сè во мојот живот. Не можам да живеам без неа и сакам да го продолжам моето образование во средното музичко училиште, а потоа и на музичкиот факултет“, додава таа.
Нела стана позната на јавноста со својот настап на хрватското шоу „Supertalent“, каде што ја изведе песната „I Have Nothing“ од Витни Хјустон. Настапот остави силен впечаток, а нејзината изведба се шири низ социјалните мрежи.
„Мене прво ме инспирира музиката, потоа текстот, а потоа авторот кој ја напишал песната. Најмногу ми се допаѓаат тешките песни бидејќи преку нив можам најмногу да се изразам“, објаснува Нела.
Од интернационалната сцена, за Нела се идоли Витни Хјустон со песните „I Have Nothing“ и „I Wanna Dance with Somebody“, додека од македонските изведувачи ги издвојува Тоше Проески, Андријана Јаневска и Тамара Тодевска.
Една од најзначајните награди за Нела е Гран при на натпреварот посветен на интернационалните песни на Тоше Проески.
„На тој натпревар освен што добив Гран при, стекнав многу пријателства и запознав многу талентирани деца“, истакнува младата пејачка.
Нела исто така настапувала на неколку регионални и национални музички натпревари, при што секогаш добивала пофалби за нејзината уникатна вокална техника и емоционална интерпретација.
Покрај тоа што ќе ве маѓепса со нејзините извонредни гласовни способности, таа впечатливо освојува и со своите уникатни костими. Тие често потсетуваат на магијата од фустаните на Дизниевите принцези во анимираните филмови за кои вели дека некогаш сама ги дизајнира.
Нела е осмооделенка во основното училиште „Вера Циривири-Трена“. Покрај музиката, таа во слободното време свири пијано, црта и плете.
„Четири дена во неделата посетувам часови по пеење, што во комбинација со училишните обврски ми создава многу исполнет ден. Но, верувам дека секогаш може да се постигне повеќе ако се трудиш доволно“, додава таа.
Нејзиното семејство ја поддржува на секој чекор.
– Тие секогаш ме охрабруваат и веруваат во мене, вели Нела.
Како инспирација за своите врсници, таа ја испраќа оваа порака:
„Сакам да им кажам на младите никогаш да не се откажуваат од своите соништа. Ако го правиш тоа што го сакаш, секогаш ќе има место за успех.“
Нела Манчевска продолжува да го гради својот пат во музиката, а нејзиниот талент и упорност ветуваат блескава иднина на македонската и балканската музичка сцена.
На државниот и регионалниот натпревар по предметот музичко образование, таа се стекна со Прва награда и целосни 100 поени за вокална интерпретација, што ја постави на врвот на музичката сцена на Република Македонија.
На манифестацијата „Карпош има талент“ таа ја освои втората награда, потврдувајќи ја својата конкурентност меѓу најдобрите млади таленти во земјата.
Во 2024 година, на меѓународниот фестивал „Сергеј Михајлов“ во Штип, ја освои Првата награда со 100 поени, додека во 2023 година постигна истакнат резултат со 96.25 поени. Овој успех ја потврдува нејзината стабилна и постојана изведба на високо ниво.
Нејзиниот успех продолжи и на меѓународниот фестивал „АРТ ИН“ во Кавадарци, каде таа повторно ја освои Првата награда со 96 поени.
На фестивалот „Voice of the Star“ во Загреб, Хрватска, младата пејачка ги освојува првото место во категоријата светски хит, додека на меѓународниот фестивал „Angel Voice“ во Белград, Србија, повторно се искачи на врвот со Прва награда.
Овие признанија се само дел од нејзиното големо музичко достигнување и потврда за нејзиниот талент и напорна работа на музичката сцена.