„Заедно со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли во Вип ложата во Вашингтон ги следиме инаугуративните активности на новиот американски претседател, Доналд Трамп“, напиша вечерва на социјалните мрежи Христијан Мицкоски.
Од ова јасно произлегува дека македонскиот премиер инаугуративните активности ге следел во спортска сала, на партиски настан, но не заборавил да напише „во Вип ложата во Вашингтон“.
Од фотографиите што ги објавил на неговиот пејџ на Фејсбук, јасно е дека тој бил на еден од настаните во Капитал Уан Арената во Вашингтон.
Во оваа арена имаше два настани. Првиот вчера, на кој Трамп излезе пред следбениците на МАГА и партиските челници на Републиканската партија и танцуваше на хитовите на Вилиџ Пипл и вториот денеска, кога МАГА симпатизерите и републиканските партиски активисти на видео екрани го следеа формалниот дел од инаугурацијата во Ротонда на Капитол Хил.
И самиот Мицкоски тоа го потврдува кога вели „Заедно со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли…“.
Објавата на Мицкоски на социјалните мрежи е со денешен датум, но со оглед на тоа дека на екранот во Капитал Уан Арена е Илон Маск, можно е да станува збор за фотографии од вчерашниот, партиски настан во оваа спортска сала, на која говореше и сопственикот на Тесла кој донираше 250 милиони долари во кампањата на Трамп.
За жал, заради нетранспарентноста на Мицкоски и на неговиот кабинет, кои никогаш не излегоа со јасна и недвосмислена информација кој го поканил премиерот на инугурацијата на Трамп, останува новинарите на овој начин да ги „детектираат“ околностите за неговото присуство на овие настани.