Американската судијка Енџел Кели ја продолжи наредбата со која се блокира администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за кратење на средствата за грантови за научни истражувања, што може да ги оштети буџетите на илјадници универзитети и истражувачки институции. Кели на сослушувањето во Бостон му рече на адвокатот на американското Министерство за правда дека ако планираните намалувања стапат на сила, „ќе има штета“, пренесува Ројтерс.
Кратењата се една од активностите што Трамп ги презеде откако се врати на претседателската функција на 20 јануари, со цел да ги намали федералните трошоци, големината на федералната работна сила и да растури големи делови од американската влада.
Судијката издаде привремена забрана донесена на 10 февруари, која требаше да истече денеска, (понеделник) со што го блокира Националниот институт за здравство (НИХ) да продолжи со намалувањата. Универзитетите и државните јавни обвинители предупредуваат дека намалувањата ќе им наштетат на илјадници истражувачки институции и многу од нив ќе бидат принудени да отпуштаат персонал, да затворат лаборатории и да запрат некои клинички испитувања.
„Ова ново известување за промена на стапката ќе има катаклизмични ефекти врз буџетите на универзитетите“, рече Адам Униковски, адвокат кој ја застапува Асоцијацијата на американски универзитети.
Државите и групите поднесоа тужба откако на 7 февруари НИХ објави дека нагло ќе ја намали стапката со која ги надоместува истражувачките институции за „индиректни трошоци“ кои не се директно поврзани со целите на научниот проект.
Администрацијата на Трамп соопшти дека ја ограничува стапката со која ќе ги надомести тие индиректни трошоци на 15 отсто, што значи дека за секои 100 долари финансирање што оди директно на истражување, институциите ќе добијат дополнителни 15 долари за режиски трошоци. Политиката означи ненадејна промена за универзитетите, чии стапки беа директно преговарани со НИХ и беа во просек околу 27 или 28 проценти, а НИХ рече дека политиката ќе заштеди околу четири милијарди долари.
За време на сослушувањето, Кели нагласи – зошто не треба да му се дозволи на Трамп да продолжи со ваквото намалување на трошоците, имајќи предвид дека „една од причините зошто граѓаните гласаа за него беше затоа што тој водеше кампања за елиминирање на отпадот, измамите и злоупотребата“.