Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска оцени дека вчерашното гласање на северот на Косово претставува „изборен дебакл“ за Албин Курти и за земјите од Квинтата, но и дека ја покажа дисциплината и одговорноста на Србите, што, според неговите зборови, не е видено во современата историја на српскиот народ.
Во обраќањето до граѓаните по повод локалните избори во четирите општини од северот на Косово, Вучиќ денеска кажа дека од над 43.000 регистрирани гласале само 13 Срби, што, како што рече, е 0,029 отсто од гласовите.
-Ова е изборен дебакл на Курти и Квинта, на сите оние кои го охрабруваа и се лажеа себеси дека проблемот е во Белград и некои криминални српски структури на северот на Косово, рече српскиот претседател во телевизиски говор.
Вучиќ оцени дека никогаш во Европа од Втората светска војна не се случило излезноста на изборите на кои првенствено требаше да гласа една нација да биде 0,029 отсто.
-Ова го покажа огромното единство на српскиот народ. Србите се однесуваа не само национално, туку и како силна нација, која знае со какви притисоци и закани се соочува секој ден и која е подготвена да им се спротивстави на окупаторските гаулајтери на мирен и достоинствен начин, рече тој.Вучиќ.
Тој додаде дека „можеби најзначајната“ порака на вчерашните избори е дека „воопшто нема дијалог“.
-Не разговараме, добиваме наметнати хартии кои секогаш, повеќе или помалку, треба да одат во корист на Приштина затоа што Квинта ги поддржува, рече Вучиќ.